Татко ми одгледува киви, па кога одам во посета, со мајка ми правиме слатко од киви. Досега имаме испробано неколку рецепти, па ќе ви ги откријам најдобрите два. Доколку сте заинтересирани да испробате слатко од киви, нема да погрешите. Не само што е многу вкусно и со уникатна арома, туку е и многу декоративно.
Прво, кога станува збор за слаткото од киви, имајте во предвид дека како и другите овошја треба да се излупи, а доколку плодовите се крупни треба да се исече на помали парчиња, со големина по желба. Еднаш испробавме нов начин на лупење, но не беше толку успешно како што си мислевме.
Имено, кивите треба да се стават во врела вода на оган и да се остават на „еден клуч“, а потоа откако ќе се оладат, наводно лушпата требаше многу полесно да се лупи, „сама да се вади“, како што прочитавме во упатството. Меѓутоа, лупењето кај нас не беше така „лесно“, па слободно можете да го прескокнете овој чекор.
Втора работа, е начинот на готвење на слаткото. Првиот начин е претходно да го сварите сирупот и да ги спуштате кивите во зовриен сируп, а вториот начин е да го ставите овошјето заедно со водата и шеќерот и заедно да ги варите до посакуваната густина. варењето во двата случаи е приближно еден час.
На сите луѓе што имаат анемија им се препорачува да јадат секое утро по едно киви на празен желудник или помеѓу оброците…секако во комбинација со здрава и избалансирана исхрана, препорачана од докторот. Затоа искористете го максимално ова овошје и сладете се во него цела сезона додека го има.
Ако и инаку сте љубители на кивито, ова слатко многу ќе ви се допадне. Па, и да не сте фан на киселакастите овошја, сепак пригответе си го, бидејќи кивито ја впива сета слаткост, но сепак останува една многу мала нијанса од неговата оригиналност – и тоа го прави ова слатко да биде толку посебно.
Освен што е многу декоративно и освен за послужување на гостите, може да послужи и за декорирање на торти и колачи, но и како додаток на некој фил. Летно време ве освежува, а зимно време ви ја грее дyшата.
Постапката за приготвување е многу лесна: за приближно 1 кг киви се вари сируп од 500-800 г шеќер и 200-250 мл вода, а откога ќе зоврие сирупот на умрена температура се вари 20 минути, да добие густина нешто поретка од медот (да паѓа капка по капка). Во меѓувреме се приготвува кивото – се лупи, па се сече на половинки, а ако плодовите се ситни и не мора, може да се пробуши на средината со дрвено стапче за ражен или чепкалка.
Она што е важно е да одберете киви кое е таман зрело, малку потврдо, зошто ако е меко ќе се распадне и нема да биде баш репрезентативно. Откако ќе го спуштите кивито во сирупот се вари на најтивко околу половина час.
Ако го ставите штом зоврие сирупот, тогаш се вари околу еден час. Слаткото се складира додека е топло во тегли, а по желба можете и да го пастеризирате. Во слаткото ако сакате може да додадете и кругови од лимон. Но, да ги проследиме рецептите што ви ги ветив на почетокот од мојава презентација:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг киви, 800-900 г шеќер, 250 мл вода и за потопување на кивите: 10 г лимонтус и 2 литри вода
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг киви, 3 кг шеќер, 3 литри вода, сок од 2 лимони и 800 г сечкани ореви по желба.
ПОСТАПКА за рецепт 1: Еден килограм киви (потврди) излупете ги, сечете ги на парчиња и ставајте ги во подлабок сад со 2 литри вода и 10 г лимонтус (една кесичка). Во овој раствор оставете ги да одморат 10 минути, а потоа ставете ги на цедалка. Направете сируп од 800-900 г шеќер и 250 мл вода.
Кога сирупот ќе зоврие, додајте ги убаво процедените парчиња киви. Варете ги еден час со повремено тргање на пената, на умерена температура. На почетокот сирупот ќе биде доста редок, но како што ќе испарува водата, така и тој ќе згусне. Жешкото слатко се полни во тегли, се затвораат со метални капаци и се остава да излади. Еве ја и постапката од вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Како што објаснив на почетокот, одберете тврди и поситни плодови, излупете ги и доколку е потребно, исечете ги на крупни парчиња. Ставете ги во широко тенџере, додајте го шеќерот, водата и свежо исцедениот лимонов сок, па ставете ги на оган. варете ги на средно умерена температура приближно еден час.
Доколку не е доволно густо, оставете да се вари уште 10-15 минути за да ја добие потребната густина. Додека слаткото е топло се складира во тегли. Во оригиналниот рецепт некаде при самиот крај се ставаат оревите. Слаткото чувајте го на темно и ладно место до употреба.