Ова време ретко се наоѓаат смоквите, но сè уште ги има. Доколку имате своја смоква во дворот и додека обилно зреела сте ги собирале плодовите и сте ги складирале во замрзнувач, сега е вистинско време да си приготвите вкусно слатко или џем, а може и едното и другото.




За мене слаткото е вистински деликатес, кој е сосем нешто поразлично од слаткото од зелени смокви. Маж ми на пример, повеќе го сака тоа слатко, јас слаткото од зрели смокви, а децата го сакаат џемот. За што и да се одлучите да приготвите нема да згрешите, зошто смоквата е вкусна на секаков начин.




СЛАТКО ОД ЗРЕЛИ СМОКВИ – РЕЦЕПТ. Потребни состојки: 1 кг шеќер, 1 кг смокви, 200-300 мл вода, 1 лимон, 1 стапче од ванила (не мора). Постапка: еден килограм смокви ги лупам и ги ставам во вода во која сум ставила кесичка винобран за да не поцрнат. Ова не е задолжително, кој сака може да го скокне овој чекор или да ги стави во раствор со лимонов сок/лимонтус.




За тоа време зовривам еден килограм шеќер со чаша вода додека да се растопи и зоврие. Кога шербетот е готов, ги мијам и ги цедам (од водата) смоквите, па ги ставам во шербетот и ги варам некаде околу 10 минути, па го додавам стапчето од ванила.




Потоа се продолжува со варење, некаде уште 20-тина минути, додека да постигне сирупот густина на мед. За време на варењето тргајте ја пената. Пред крајот додавам еден лимонтус или лимон.




Врелото слатко се складира во врели чисти тегли и се затвора. Во слаткото можете да додадете ореви и тркалца од лимон. Фотографија и рецепт на Славица Поповиќ. Во продолжение прочитајте го рецептот за џем од смокви.




ЏЕМ ОД СМОКВИ – РЕЦЕПТ. Потребни состојки: 1 кг смокви, 400 г шеќер, 4 супени лажици лимонов сок, 2 кесички ванилин шеќер, 1 лажичка симет во порав, 3 супени лажици рум (за вкус и арома).




ПОСТАПКА: најпрво исчистете ја лушпата од приближно 800 г смокви до 1 кг, наросете ги со шеќер и лимонов сок за да не ја променат бојата, па оставете ги да преноќат во фрижидер (во некој сад покриени или поклопени одозгора).




Следниот ден малку иситнете ги со рачен блендер, но не мора да ги претворате во каша. Ставете ги во тенџере на оган и гответе ги на умерена до тивка температура со повремено или често промешување.




На овој начин џемот гответе го еден час, а 10-тина минути пред крајот додајте цимет во прав, ванилин шеќер и рум. Топлиот џем складирајте го во топли и претходно стерилизирани тегли, па оставете ги во исклучена рерна да се оладат.




Кога го правам со желатин, количината е иста, само ги чистам смоквите, ги миксам и веднаш ги готвам според упатството на кесичката. Рецепт и фотографии на Зоило / Сооlinarika.com