Рецептот ни доаѓа од Русинката Наташа која секогаш е полна со нови идеи и ги има најинтересните рецепт. Овојпат таа направи новогодишни медени шишарки кои не само што ќе ве освојат со својот вкус, туку и ќе пленат со својот изглед. Направете ги овие колачи и збогатете ја вашата свечена трпеза.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за 10 шишарки: 60 г омекнат путер, 50 г шеќер, 1 јајце (средно по големина), 210 г брашно, 1 супена лажица мед (40 г), 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), прстофат сол, ванила, 1/2 лажичка зачин за медени колачи (може прстофат ѓумбир во прав), 1 лажичка рендана кора од портокал. Во смесата може да додавате различни зачини како, мускатно оревче, кардамом, анасон, цимет и сл.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете го јајцето, додајте шеќер, прстофат сол и една полна лажица мед, па добро изматете со жица-маталка додека да се растопат состојките и да се добие хомогена густа смеса.




Потоа додајте го путерот, претходно исечкан на коцки и омекнат. Повторно изматете додека и путерот да се разбие и соедини со смесата. Додајте ги предвидените зачини кои сте ги избрале за вашите медени шиширки. Додајте и малку ванилин шеќер (по вкус), па промешајте.




Доколку користите рендана кора од портокал, најдобро е претходно да ја исушите, а потоа да ја сомелете во прав. Во смесата додајте половина од брашното помешано со прашок за печиво, па промешајте. Откако ќе добиете хомогена смеса без грутчиња, додајте го остатокот од брашното.




Овојпат месете со рака додека целосно да се соедини во компактно, средно по мекост тесто. Тоа не се лепи ниту за рацете, ниту за ѕидовите на садот. Тестото ставете го во кеса и оставете го 10-тина минути да одмори. Потоа, почнете да кинете парчиња од тестото со величина на поголем орев.




Од оваа количина на тесто (околу 400 г) се добиваат десет вакви топчиња, па можете веднаш да го поделите на десет еднакви делови за да ви бидат сите еднакви. Потоа со дланката малку ролајте го топчето, па едната страна направете ја поостра за да добие форма и облик на шишарка. Значи, треба да има врв и дно кое се шири постепено.




Потоа со помош на лажица направете ги шарите на шишарката кои скалесто се надоврзуваат исто како крлушките на рибата. Ова направете го само од горната страна, а потоа направете уште неколку цртки странично. Вака приготвените шишарки ставете ги во плех обложен со хартија за печење.




Одозгора премачкјате ги со разматена жолчка (може да ја разредите со една лажица млеко или масло). Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а потоа ставете ги шишарките да се печат околу 15 минути.




Кога се печени извадете ги од рерната и оставењте ги да се оладат. Потоа можете да ги наросите со шеќер во прав. Во чинијата со медените шишарки ставете и неколку борови гранчиња за уште поголем ефект. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видео презентацијата на Наташа – ОВДЕ.