Фото и рецепт: Веселка Кузмановска
Рецептот за овие преубави слатки панцероти ни го претстави нашата драга членка, почитуваната Веселка Кузмановска во групата НМД рецепти. Овој рецепт е нешто навистина што треба да се проба.
Потребни состојки:
250 мл вода
250 мл млеко
17 лажици масло
2 лажици шеќер
1 лажиче сол
1 квасец
1 кг брашно
мармалад за фил
шеќер во прав за наросување
Постапка:
Млекото се загрева да биде млако, па во него се додава една лажица шеќер, една лажица брашно и раздробениот квасец. Убаво се промешува да нема грутчиња па се остава на топло 10-тина минути за да се активира.
Брашното се просејува, му се додава активираниот квасец, маслото, остатокот од шеќерот и солта, па со млака вода се замесува убаво мазно тесто кое не лепи на раце.
Се покрива и се остава на топло да стаса. Потоа се дели на два дела и се развлекуваат кори. Со чаша или тркалезен калап се вадат кругови.
На секое кругче се става лажичка мармалад на средината, па се преклопува и се затвораат краевите со виљушка или со прсти.
Вака приготвените панцероти се редат во плех обложен со хартија и се оставаат да стасаат. Потоа се ставаат во загреана рерна на 180-200 степени додека малку да заруменат, но да останат бели.
Кога ќе се испечат веднаш додека се врели се премачкуваат со масло, се покриваат со целофан и крпа и така се оставаат да изладат. Потоа се наросуваат со шеќер во прав.
Фото и рецепт: Веселка Кузмановска