Преубава и превкусна торта која ако ја чувате во фрижидер може да биде кремаста, а ако ја ставите во замрзнувач, ќе добиете сладолед торта.
Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 300 мл кисела павлака, 250 г еурокрем, 300 г мелени бисквити, 300 г малини или овошје по избор, шеќер во прав по вкус (околу 5-6 лажици) и ќе ви биде потребен калап со димензии 26х12 см или приближно.
Постапка: Во еден поголем сад ставете половина литар слатка павлака, па изматете ја со миксер додека да добиете цврст шлаг.
Во изматениот шлаг додадете 300 г кисела павлака, па уште еднаш изматете и соединете. Добиената смеса поделете ја на три еднакви делови.
Во првиот дел додадете еурокрем и изматете со миксер додека да се изедначи. Овој фил обично е доволно сладок поради кремот, но вие сепак пробајте го и оценете дали е потребно да се додаде шеќер во прав.
Во вториот дел додадете мелена плазма или некои други мелени бисквити, па уште еднаш добро со миксерот соединете. Во овој фил додадете 2 супени лажици шеќер во прав или по вкус.
Во третиот дел додадете 300 г смрзнато овошје по желба и промешајте со шпатула, убаво да се изедначи. Во овој дел може да ставите 3-4 лажици шеќер во прав или повторно, по ваш вкус.
Калапот (26х12 см) обложете го со проѕирна фолија и на самото дно рамномерно распоредете го првиот фил со еурокремот и убаво израмнете.
Нанесете го филот со малини и убаво израмнете, а на крај завршете со филот од кекси. Вака приготвената торта оставете ја во замрзнувач, најмалку 1,5-2 часа за убаво да се стегне.
Потоа превртете ја врз тацна за сервирање и отстранете ја фолијата. Одозгора украсете со шлаг и овошје или по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.