Од тортата излегуваат 16 големки парчиња.

Потребни состојки:

1,25 литар слатка павлака (засладена хопла за шлаг)
2 кесички шлаг фикс
200 г готови пуслици
300 г млечно чоколадо за готвење
200 г бонжити или други енергетски плочки од јаткасто и суво овошје.
5-6 лажици лажици рум

Постапка:

Слатката павлака изматете ја со шлаг фиксот. Штом почнува да се згуснува, значи дека е готов шлагот.

Пуслиците издробете ги со раце на покрупно, а чоколадото крупно изрендајте го. Енергетските плочки искршете ги ситно.

Сите состојки додадете ги во изматениот шлаг и заедно измешајте ги со лажица во еднолична смеса.

Тркалезен калап бр.26 обложете го со алуминиумска фолија и во него истурете ја смесата. Израмнете и ставете во замрзнувач добро да излади (најдобро преку ноќ, во рецептот пишуваше 36 часа, но јас помалку ја оставив и добра беше).

Добро изладената торта извадете ја од замрзнувач и почекајте 10-тина минути (токму како што правите со сладоледот), па дури тогаш сечете ја со нож.

Секој тријаголник украсете го со малку изматен шлаг, рендано чоколадо и по една помала пуслица.

За оваа торта користев купечки пуслици, а вие можете да си ги направите ден-два претходно, па потоа да ги употребите.

Доколку слатката павлака не ви е доволно слатка, додадете лажица-две мед или по вкус.

Тортата се чува во замрзнувач и по потреба се вади, послужувате и повторно ја враќате назад.

Ако сакате помала торта, состојките намалете ги за половина.