Колачињата се навистина предобри, некои ги нарекуваат ружички, мандаринчиња, ванилици…

Потребни состојки:

300 г маст
1 јајце
2 жолчки
200 мл млако млеко
1 лажичка шеќер
20 г свеж квасец
800+50 г меко бело брашно

За фил:

2 белки
16 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
250 г мелени ореви или бадеми

За наросување: 50-тина г шеќер во прав со ванила

Постапка:

Млекото загрејте го да биде млако, додадете издробен квасец и една лажичка шеќер, промешајте за да се растопи квасецот. Додадете 6 лажици брашно и оставете на топло околу 10-15 минути додека квасецот да се активира и запени.

Од остатокот на брашното одвојте околу 50 грама на страна – за наросување. Во садот за матење, добро изматете ја маста со јајцата, па тргнете го миксерот на страна. Во смесата додадете го активираниот квасец и полека со лажица додавајте од брашното и мешајте.

Кога тестото ќе стане густо истресете го на набрашнета површина и продолжете со месење и додавање брашно се додека да добиете компактно тесто кое не се лепи на рацете. Треба да потрошите околу 800 г брашно, заедно со она што го додадовте во квасецот на почетокот.

Садот во кој го месевте тестото добро набрашнете го (со оние 50 г што ги оставивте на страна), па вратете го тестото и одозгора затворете го со проѕирна фолија. Оставете на топло тестото да го удвои својот волумен.

За фил: пенасто изматете ги белките, додадете шеќер и ванила. На крај додадете ги мелените ореви/лешници/бадеми. Смесата треба да биде прилично густа.

Стасаното тесто повторно истресете го на малку набрашнета работна површина и премесете го. Од тестото правете топчиња со величина на орев, па секое развлечете го во коричка (или исплескајте го со дланките), па во средина ставете половина лажичка фил. Тестото затворете го во пакетче или ружичка.

Колачињата редете ги во плех обложен со хартија. Додека се загрева рерната на 180 степени, оставете ги колачињата уште малку да нараснат. Печете ги 20-25 минути во зависност од јачината на рерната. Треба малку да заруменат одозгора, додека одоздола треба да останат бели. На допир ќе бидат уште малку меки, па водете сметка да не ги загорите.

Од плехот вадете ги колачињата кога ќе бидат изладени и обилно наросете ги со шеќер во прав и ванила, но секако, можете да ги јадете и топли, многу се вкусни.

После неколку денови омекнуваат, добиваат вкус на кекси и ореви, па така можете да си ги приготвите и неколку дена пред слава или некоја друга пригода.