Ова е еден рецепт за старински ванилици кои се многу вкусни. Колку подолго стојат стануваат се подобри и подобри. Се чуваат во кутија со капак, најдобро лимена, па така си имате колачи за следните неколку денови.
Филот од џем прилагодете го според вашиот вкус, дали ќе одберете од кајсии или од сливи е сосем сеедно, ванилиците ќе бидат превкусни.
Потребни состојки: 200 г путер, 500 г брашно, 1 јајце, 1 жолчка, 4 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, шеќер во прав, џем по ваш избор
Постапка: едно цело јајце и жолчка заедно со шеќерот се матат убаво со виљушка. Потоа се додава ванилин шеќер, па се додава омекнат путер. Се меша и натаму со виљушка за да се изедначи.
Се додава половина килограм брашно и продолжете го месењето со рака додека да добиете компактно тесто кое не се лепи на раце.
Ако случајно тестото ви е суво, додадете една лажица кисела павлака. Мазното тесто покријте го со проѕирна фолија и оставете го во фрижидер најмалку 45 минути да се лади. Потоа премесете го и развлечете го во кора со дебелина од половина центиметар.
Со најмала чаша или модла сечете кругови кои се редат во плех обложен со хартија за печење. Се печат во рерна загреана на 200 степени по што се намалува на 180 степени, максимално 15 минути. Ванилиците треба само да се исушат и да останат бели, да не пожолтат.
Остатокот од тестото повторно замесете го и развлечете го во кора од која повторно ќе вадите ванилици и сè така додека да се потроши материјалот. Излегуваат околу два плеха.
Печените ванилици се оставаат 15-тина минути да изладат, па се мачкаат со џем и се лепат по две, по што се валкаат во шеќер во прав. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.