Кога ќе измешате кокос и кекс, а потоа ќе формирате колачи кои ќе ги потопите во чоколадо – ќе ги добиете најубавите и највкусните ситни колачи. Овие колачи со кокос и кекси се нешто најдоброто што сте го направиле досега, а да содржи кокос. Ќе заборавите на рафаелото.
Постапката како што ќе прочитате е навистина лесна и едноставна: се мешаат сите состојки, а од тестото правите облици какви што вие сакате, па потоа ги натопувате во растопено чоколадо, а краевите ги валкате во кокос или сусам. Сето ова нема да ви одземе повеќе од половина час. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г сусам, 100 г кокос, 100 г кекси, 200-250 г кондензирано млеко, 250 г бело чоколадо. ПОСТАПКА: Најпрво потребно е да се истостираат сусамот и кокосовото брашно, односно малку да се запржат во сува тава додека убаво да замирисаат.
Прво испржете го сусамот на умерен оган со постојано мешање додека малку да потемни, а потоа и кокосот. Кокосот од снежно бел треба да стане жолтеникав (како кафеавиот шеќер). Тргнете ги на страна да се оладат. Од двете состојки одвојте во посебни садови по малку, за декорација.
Остатокот ставете го во блендер или „сечко“ па ситно сомелете. Содржината истурете ја во еден подлабок сад. Сто грама бисквити/чајни колачи или кекси по ваш избор, искршете ги на помали парчиња, ставете ги „сечко“, па исто така сомелете ги. Додајте ги во мешавината од кокос и сусам и промешајте.
Во мешавината започнете постепено да додавате кондензирано млеко. На почетокот мешајте со шпатула или лажица, а потоа измесете со раце. Не ја истурајте целата количина одеднаш, туку постепено, за да оцените колку кондензирано млеко ќе ви биде потребно, а тоа најмногу зависи од видот на кексите кои ќе ги користите. Мене ми беа потребни 210 г.
На крај треба да добиете фино компактно тесто кое лесно се обликува со раце. Кинете мали парчиња и правете форми по ваша желба, јас правев мали валјачиња. Тестото е толку флексибилно, што без проблем може да се обликува во какви сакате облици. Формираните валјачиња редете ги на мазна површина (тацна) и ставете ги кратко во фрижидер.
Потоа растопете го белото чоколадо на пареа. Потопувајте ги валјачињата во чоколадото и редете ги врз хартија за печење. Оставете ги да се оладат 10 минути. Откако ќе се стврдне чоколадото, со помош на нож отстранете го вишокот од чоколадото.
Потоа, растопете го повторно остатокот од белото чоколадо, па потопувајте ги краевите на колачите и веднаш валкајте ги во истостираниот кокос (или мешавина, по желба). Оставете ги уште еднаш да стврднат и колачите се готови. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.