Не пропуштајте го овој рецепт, зашто сите што го испробаа беа презадоволни. Колачите се многу вкусни, а колку подолго стојат, толку повеќе стануваат помеки и повкусни, под услов да останат. Од оваа количина се добиваат 100-тина колачи, па доколку тоа ви е многу, едноставно преполовете ја.

рецепт 1




Но, од искуство, колку и да направите од нив, секогаш е малку. Ова се омилените колачи кои се приготвуваат за Божиќ и новогодишните колачи. Чувајте ги во лимена кутија и во секој момент ќе си имате од нив. Се приготвуваат многу лесно и едноставно, а во продолжение прочитајте два рецепти (за вториот има и видео презентација). Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 400 г шеќер, 4 јајца, 2 кесички прашок за печиво (20 г), 500 г путер или маргарин или маст, сок од половина лимон и малку рендана кора од лимон (може и без лимон), џем за мачкање, шеќер во прав за наросување

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (Ванилици – Линцери): 300 г путер/маргарин, 1 јајце + 1 жолчка, 1 чаша (од 250 мл) шеќер во прав, 1 лажичка ванилин екстракт, 3.5 чаши брашно, 1 прстофат сол, 0.5 лажичка прашок за печиво и приближно 1 чаша џем за мачкање на ванилиците + шеќер во прав за наросување




ПОСТАПКА за рецепт 1: Пенасто изматете го путерот заедно со шеќерот (за полесно соединување најдобро е користите ситен шеќер или сомелен во прав), па потоа додајте ги едно по едно јајцата и изедначете. Додека сè уште матите со миксерот додајте го и сокот од лимон и ситно изренданата лимонова кора.




Потоа започнете постепено да го додавате просеано брашно помешано со прашокот за печиво, па замесете меко и компактно тесто кое не се лепи, лесно се обликува и се одвојува од ѕидовите на садот. Тестото ставете го сад, покријте го и оставете го да одмори во фрижидер, најмалку половина час или повеќе.




Потоа истресете го на набрашнета работна површина (за полесна работа поделете го на два, три или повеќе делови) и развлечете го во тенка кора. Со помош на калапчиња вадете разни облици за линцери – во пар, зашто ќе се лепат. Ако немате вакви калапчиња, можете да вадите само тркалезни облици како за ванилици.




Колачите редете ги во плех обложен со хартија (не мора) и печете ги во загреана рерна приближно 10 минути. Оставете ги да се оладат на рамна површина за да не се искриват зашто се тенки. Потоа мачкјате ги по желба со џем или крем и лепете ги по две. Имаат долг рок на траење, а обично се чуваат во лимена кутија. Еве ја постапката и за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Путерот исечкајте го на коцки и оставете го да омекне на собна температура. Потоа пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав додека да добиете кремаста структура. Додајте го јајцето и жолчката, екстрактот од ванила и повторно изматете до изедначување.




Во подлабок сад просејте го брашното и помешајте го со прашокот за печиво и прстофат сол, па додавајте го во мешавината од путер и убаво со раце замесете компактно, мазно и изедначено тесто кое не се лепи и се одвојува од ѕидот на садот. Развлечете го во кора врз набрашнета површина, а за полесна работа поделете го на половина).




Секоја од половините завиткајте ги во проѕирна-стреч фолија и оставете да се оладат и стегнат во фрижидер, 15-тина минути. Потоа развлечете ги во потенки кори, со калапи вадете различни форми и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Остатокот од тестото соберете го и повторно развлечете го, па вадете облици додека да се потроши целото.

Колачите печете ги во претходно загреана рерна на 150 степени 10 минути. Оставете ги да се оладат пред лепењето. Горните кекси наросете ги со шеќер во прав, а врз долните мачкајте малку џем и поклопувајте ги. Деталите погледнете ги ОВДЕ.