Сите си имате свој рецепт за еклери, ама овој рецепт е стандарден и ако ги следите инструкциите, нема да погрешите. Многу вкусни! Фотографија и рецепт на Снежана Димитрова
Потребни состојки: 250 мл вода, 150 мл масло, 1 прашок за печиво, 150 г брашно, 4 јајца. За фил: 2 пудинг од ванила, 750 мл млеко, 10 лажици шеќер, 75 г путер и 80 г шеќер во прав. За полевање: чоколадо за готвење со 2-3 лажици масло
Постапка: 250 мл вода и 150 мл масло се ставаат на оган да зоврие. Потоа се трга на страна и се додава 150 г брашно измешано со еден прашок за печиво. Се меша додека да се добие хомогена смеса која се одвојува од ѕидовите на тенџерето и се формира во топка.
Добиеното тесто се остава да излади целосно, па потоа во него се додава едно по едно јајце. Кога ќе се додаде јајцето се мати со миксер со продолжетоци за тесто или пак, се меси со рака додека јајцето целосно да се впие во тестото. Потоа се додава следното јајце и се повторува додека да се потрошат сите четири.
Со помош на мало лажиче се вади од тестото и се става на плех обложен со хартија. Еклерите се печат во претходно загреана рерна на 200 степени додека да заруменат. Додека се печат еклерите, никако не смее да се отвора вратата за да останат крцкави и да не „паднат”.
Фил: 2 пудинзи од ванила се варат во 750 мл млеко со 10 лажици шеќер. Кога ќе ја добие потребната густина, се трга на страна и се остава да излади. На страна се мати путерот со шеќер во прав, па во него постепено се додава изладениот пудинг и заедно убаво се миксаат додека да се изедначат.
Печените и изладени еклери се сечат на половина и се филуваат. Одозгора можете да ги наросите со шеќер во прав или да ги полиете со чоколадна глазура.
За глазура: Едно чоколадо за готвење искршете го на коцки, и на пареа растопете го со две-три лажици масло. Фотографија и рецепт на Снежана Димитрова / Од Македонска кујна, некогаш и денес.
II РЕЦЕПТ: Домашни еклерчиња за мерак, направени на едноставен начин
Фотографија и рецепт на Сашка Игнатова Трајкоска. Рецептот за овие превкусни мераклиски еклерчиња го објави нашата драга членка Сашка Игнатова Трајкоска во нашата и ваша група НМД рецепти.
Потребни состојки: 250 мл масло, 120 мл вода, 170 г брашно, 1 прашок за печиво и 4 јајца. За фил: 1 литар млеко, 150 г нишесте, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 120 г путер, 50 г шеќер во прав и чоколадна глазура по желба
Постапка: 250 мл масло и 120 мл вода заедно се ставаат на оган, па кога ќе зоврие, се потргнува од рингла, се додава 170 г брашно помешано со 1 прашок за печиво.
Се замесува тестото со дрвена лажица и се остава целосно да се излади. Потоа, во ладното тесто се додаваат јајцата, но едно по едно. Се мати или се меси со рака додека претходното јајце да се впие во тестото, па потоа се додава следното јајце.
Кога сите јајца добро ќе се спојат со тестото, со помош на лажица се оформуваат еклерчињата, се редат на плех обложен со хартија за печење и се остава растојание помеѓу нив.
Се печат во претходно загреана рерна на 170 степени и притоа не се отвора рерната. Пред крај може да се покачи на 180 степени за да заруменат. За фил: Од литар млеко се одзема 250 мл, а остатокот со шеќерот и ванилата се става на оган да зоврие.
Во одземеното млеко се раствора 150 г нишесте, убаво да нема грутчиња, па во тенок млаз и со постојано мешање се додава во врелото млеко. Се меша додека да згусне и се остава целосно да излади.
На страна пенасто се мати путерот со шеќерот во прав, па се соединува со изладениот крем. Изладените еклери се полнат со изладен фил, а одозгора се полеваат со растопено чоколадо или чоколадна глазура по ваша желба. / Фотографија и рецепт на Сашка Игнатова Трајкоска
III РЕЦЕПТ: Домашни еклери – превкусни, се топат во уста! / Фотографија и рецепт на Моника Иваноска
Потребни состојки: 400 мл вода, 200 мл масло, малку сол, 2 чаши брашно (од 200 мл), 1 прашок за печиво и 6 јајца
Постапка: водата и маслото се ставаат на оган да врие 3-4 минути, па се додаваат 2 чаши брашно. Се меша – треба да се собере како топка и се остава да се излади целосно. Се додава едно печиво и 6 јајца, едно по едно. Се изработува со миксер, но најубаво е да се измеси со рака.
Се одмора 10 минути смесата и со лажиче мало (или со шприц) се редат топчиња во плех обложен со хартија. Рерната треба да биде загреана на 250 степени, па се ставаат за печење околу 10 минути, а потоа се намалува на 150 и се печат уште околу 20 минути. Дури се печат рерната не смее да се отвора.
Фил: 1 литар и 200 мл млеко се става на оган. 3 пудинзи од ванила ги мешаме во еден дел од млекото, додаваме и една лажица брашно, 1 ванила, 10 лажици шеќер. Ова се вари сето и се трга од оган малку да подизлади.
Половина путер или маргарин се мати пенасто со миксер па се додава во кремот и заедно се матат за да се добие воздушест крем. Со кремот се полнат еклерите и одозгора се полеваат со чоколадна глазура. / Фотографија и рецепт на Моника Иваноска