Овие колачи ќе станат вашите омилени. Може да ги правите со различни вкусови во зависност од состојките кои ги додавате во нив, но ние ќе ви ги претставиме двата најосновни рецепти за овој тип на колачи.
Она што е најважно кај нив е дека се приготвуваат неверојатно брзо, а со едноставна декорација се постигнува навистина неверојатен ефект, па ситните колачи делуваат како да излегле од најскапата слаткарница. Може да се приготвуваат во посна или мрсна верзија. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г мелени плазма кекси, 150 г шеќер во прав, 30 г какао во прав, 80 г путер/маргарин, 200 мл млеко/растително млеко или сок. И уште: 140 г млечно чоколадо/посно црно чоколадо и чоколадни трошки за декорација
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени плазма кекси (може и кекси по избор), 1 полна супена лажица шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 2 супени лажици мелени ореви, 2 супени лажици какао во прав, 90 г растопен путер или маргарин, 200 мл млеко/растително млеко.
ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 100 г чоколадо по желба, 1 супена лажица масло, кокосови трошки/мелени ореви/чоколадни трошки/шарени трошки..
ПОСТАПКА за рецепт 1: Мелените плазма кекси помешајте ги со шеќерот во прав и какаото. Во сувата мешавина додајте го растопениот путер (во микробранова печка или на многу тивок оган/на пареа) и млекото, па промешајте.
Кога ќе добиете фина компактна смеса истресете ја врз парче хатија за печење, обликувајте во вид на ролат или салама, па свиткајте го добро во хартијата. вака приготвениот ролат оставете го во фрижидер 2-3 часа додека убаво да се стегне.
Потоа одвиткајте го, па сечете парчиња со големина по ваша желба и натопувајте ги со врвот во растопено чоколадо (во микробранова печка или на пареа). Одозгора наросете чоколадни трошки, па вратете ги колачите во фрижидер за да се стегнат. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение прочитајте ја постапката од вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Во еден подлабок сад ставете 300 г мелена плазма-кекси (или мелени бисквити по ваш избор), една полна супена лажица шеќер во прав и една кесичка ванилин шеќер, две полни до врв супени лажици мелени ореви (наместо ореви може да ставите кикирики/бадеми/лешници) и две супени лажици како во прав.
Наместо какао во прав може да користите чоколадо во прав или засладено какао, но во тој случај изоставете го шеќерот во прав или пак, засладете по вкус. Промешајте ги сувите состојки во изедначена „сува мешавина“.
Додајте го растопениот путер и млекото, па мешајте со лажица сè додека да се впијат сувите состојки и соединат со течните во едно комапктно тесто кое лесно се обликува со раце. Тестото истресете го врз парче фолија или хартија, па обликувајте салама.
Завиткајте ја и оставете ја во фрижидер најмалку 3 часа за да се стегне убаво. По изминатото време исечете ја парчиња-колачиња со големина по ваша желба. На тивок оган/пареа или во микробранова печка растопете го чоколадото со една лажица масло.
Секое колаче внимателно фатете го со прстите и потопете го во чоколадната глазура, само врвот, а потоа во кокосовите трошки (мелени ореви, шарени или чоколадни трошки), за да се нафатат на натопеното место.