Фото и рецепт: Ивана Мишиќ – сируп од бобинки од бозел за имунитет
“Одлучив да го споделам рецептот кој го правам за моите деца, а кој е бомба за имунитетот. Го користам како превентива, но и за лекување на разни вирози и детски кивавици…
Ова е еден сируп кој нема да мора да ги терате со сила да го пијат, бидејќи ќе ви бараат уште – многу е вкусен. Овој рецепт се користи за сите бобинки од кои сакате да направите сируп, а пулпата не ја фрлате, туку од неа си правите мармалад или ја мешате со друго овошје да добиете џем. На пример: пулпа од бозел со аронија, капини и трнинки, нешто одлично!
Мора да напоменам дека јас не сум доктор и не претендирам некого да лекувам, а рецептот го споделувам затоа што се покажа одличен за моето семејство.
РЕЦЕПТ
Потребни состојки:
2 кг зрели бобинки од бозел
3 шолји (од 200 мл) вода
3 шолји шеќер
1 прстофат лимонтус
1,5 лажичка концентриран лимонов сок од шишенце
1 тетра пелена
Постапка:
Измијте ги убаво бобинките и отстранете ги недозреаните зрна. Додадете 2 шолји вода во тенџере од 8 литри и загревајте до вриење. Додадете ги бобинките да се варат и цело време притискајте ги со алатката за правење пире. Намалете го огнот и варете 12 минути повремено мешајќи.
Цедалката обложете ја со влажна тетра пелена (газа) и ставете ја врз некој сад. Излејте го сирупот во цедалката и оставете да се цеди половина час. Сега веќе не треба да притискате, а пулпата сочувајте ја за џем.
Помешајте го шеќерот и преостанатата шолја вода и ставете на оган. Откако ќе зоврие варете 20 минути додека да згусне сирупот, а потоа додадете го сокот од бобинки и варете уште 5 минути.
Врелиот сируп складирајте го во стерилизирани тегли и шишиња. Затворете со нови и стерилизирани капаци. Ставете ги теглите во големо тенџере со вода за да ги пастеризирате. Водата треба да ги прекрива теглите. Откако ќе зоврие, оставете ги теглите во неа 10 минути, па исклучете го огнот и почекајте да се олади.
Сирупот го давам како превенција по една мала лажичка дневно за дете под 12, а над 12 и возрасни по една супена лажица. Ако се користи за лекување тогаш лажичка или лажица на секои 3 часа, па како се намалуваат симптомите, така се намалува и дозата.
Фото и рецепт: Ивана Мишиќ