Пробајте ги сировите чоколадни коцки со чили! Слатките колачиња со нежна лута нота која го дава чилито – ќе ги заинтригира и најпребирливите непца!

Потребни состојки:

300 г ореви

300 г урми

120 г какао во прав

2 лажици ленено семе

1 чајна лажичка цимет

1 чајна лажичка чили во прав

Глазура:

60 г какао во прав

50 г кокосово масло

2 лажици кокосов сируп

1/2 чајна лажичка чили во прав

1/2 чајна лажичка цимет

Постапка:

Калап 20х20 см обложете го со хартија за печење. Лененото семе сомелете го. Урмите ставете ги во топла вода и оставете ги 15-тина минути да омекнат.

Во силен блендер ставете ореви, чили во прав, мелено ленено семе, цимет и исцедени урми. Миксајте додека се добие еднолична смеса, а по потреба додадете малку вода ако смесата е прегуста.

Додадете какао во прав па дополнително измиксајте до кремаста смеса (Затоа е важно при приготвување на овој крем да имате моќен блендер, за да не заглавуваат ножевите).

Смесата истресете ја врз хартијата за печење и израмнете. Ставете во фрижидер да се лади додека се приготвува глазурата.

Сите состојки за глазурата ставете ги во сад па на пареа на тивок оган мешајте додека да добиете еднолична текстура (доколку недостига течност, додадете малку бадемово или овесно млеко).

Добиената глазура рамномерно нанесете ја врз смесата, па по желба со виљушка направете бранови.

Ставете во фрижидер на неколку часа, па сечете коцки со големина по ваша желба.