Овој рецепт е вистински спас за кога немате време, а сакате да приготвите нешто вкусно. Така се случи син ми ненајавено да дојде со пријателите на вечера, па им ја приготвив оваа пита која сите до еден ги воодушеви. Оттогаш редовно ја правиме за разни дружења, и секогаш се случува некој да го побара рецептов. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи една јогуртна чаша од 180 или 200 мл): 4 јајца, 1 чаша масло, 1,5 чаша јогурт, 300 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), а количините за сите останати состојки е по желба: кисели краставички, шунка, сирење, кашкавал, печурки, маслинки..




ПОСТАПКА: Пенасто изматете ги јајцата додека убаво да згуснат и побелат, а потоа во тенок млаз додајте го маслото додека непрекинато матите, а после него и јогуртот. Добро соединете за да се изедначи смесата.




Во течните состојки додајте го брашното помешано со прашокот за печиво. Матете со најмала брзина на миксерот, полека и внимателно додека да добиете убава хомогена и мазна смеса без грутчиња.




Настрана ситно исечкајте шунка, краставички, изронете сирење по желба, додајте печурки исто така по желба, сечкани маслинки црни и црвени, а може да додавате и сечкани пиперки или домати (претходно исцедени).




Во тестото може да додавате сè она што ви се наоѓа во фрижидер. Плех со димензии 30х20 см обложете го со хартија за печење и малку одозгора намастете го, па излејте ја смесата во него и израмнете.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени околу половина час или регулирајте го печењето секој според својот шпорет. Питата е убава и топла и ладна. Во тестото не ставам сол, бидејќи сирењето кое го користам е доста солено, но вие слободно додајте во тестото половина или цела лажичка сол, по вкус. Коментар:




Фани: „И јас денес ја испробав вашата верзија на шпанска/царска пита и можам да кажам дека одлета за неколку минути. Едноставно, феноменална е. Многу лесно и брзо се приготвува, а вкусот е неверојатен. Остава впечаток како да сте вложиле многу труд во неа, а всушност се прави за 15 минути. Благодарам за овој рецепт“.