Ако сте љубители на есенските и зимските колачи со јаболка, тогаш верувајте, нема подобар од овој. Прекрасниот спој на вкусови и ароми спакувани во нежен бисквит и крем со ореви, е вистински pај за непцето. Овој рецепт го добив од пријателка од Швајцарија, и оттогаш често го приготвувам, но исто така, го давам рецептот на сите што ми го порачуваат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 големи јаболка, 70 г шеќер, сок од 1 лимон, 10 г скроб/нишесте/густин, цимет по вкус. За бисквит: 4 јајца, 1 прстофат сол, 80 г шеќер, 40 мл масло, 100 г брашно, 5 г прашок за печиво (1/2 кесичка), 8 г ванилин шеќер (1 кесичка).

И уште: 50 г тостирани и сечкани ореви, 250 г маскарпоне (или друго крем сирење), 150 мл ладна (густа) слатка павлака. За наросување на ролатот: 2 супени лажици шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)




ПОСТАПКА: Јаболката исечете ги на коцки со големина на залак, прелијте ги со шеќер и лимонов сок, промешајте ги добро и наросете ги со малку скроб, па ставете ги во длабока тава на умерена температура да се пропржат 5-7 минути со внимателно мешање.




Кога малку ќе омекнат и шеќерот ќе се растопи, а течностите ќе испарат, додајте цимет и распоредете ги јаболката рамномерно преку цела површина на голем плех од рерна, обложен со хартија за печење. Плехот одложете го настрана додека го приготвувате тестото за бисквитот.




За бисквит: во посебни садови одвојте ги белките од жолчките. Во белките додајте прстофат сол, па пенасто изматете ги со миксер. Кога ќе згуснат и запенат, започнете постепено да го додавате шеќерот додека непрекинато матите.




Треба да добиете цврст снег од белки кој не паѓа од садот кога ќе го превртите. Во вака цврсто изматените белки започнете да ги додавате жолчките една по една. Кога ќе завршите со матењето треба да добиете густа смеса како крем.




Додајте масло и повторно изматете за да се инкорпорира. Во посебен сад измешајте брашно, прашок за печиво и ванилин шеќер, па постепено додавајте го во изматените јајца преку сито. Мешајте со лажица или кујнска маталкка со бавни движења за да се сочува пенливоста на смесата.




Кога е готова, вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја врз јаболката и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, приближно половина час. Бисквитот кога ќе подизлади внимателно превртете го и отстранете ја хартијата за печење и оставете целосно да се олади.

Во посебен сад изматете крем сирење, слатка павлака, шеќер во прав и ванилин шеќер. Одозгора врз оладениот бисквит премачкјате го кремот врз целата површина и наросете сечкани ореви.

Свиткајте го ролатот и оставете го во фрижидер да се олади 3-4 часа. Потоа наросете го со мешавина од шеќер во прав и ванилин шеќер, па послужете го. Деталите погледнете ги ОВДЕ.