Забележав дека има многу рецепти за ролати и штрудли со ореви, кои се многу слични едни на други, но сакав да ви го откријам рецептот на тетка ми Вида кој вреди да си го запишете.
Колку повеќе избор, толку подобро. Штрудлата со ореви е толку многу вкусна, што се јаде за многу кратко време. Само што го направив, отидов да ги измијам садовите, а кога се вратив дечињата веќе цел го лапнале.
Не се осмелував да го направам сѐ до пред неколку години, зашто си мислев дека „рацете уште не ми се доволно вешти“. Но, кога за првпат го испробав, сфатив дека многу сум грешела.
Колачот е толку лесен да се направи, што и дете би можело да го подготви. На крајот од денот, почестете се со овој вкусен колач на вашата трпеза. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 600 г брашно, 100 г шеќер, 5 жолчки, 80 г путер/маргарин, 250 мл млеко, 1 коцка (40 г) квасец, рендана кора од малку лимон, 1 кесичка екстракт од ванила, 1 лажица мед.
ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 350 г мелени ореви, 250 мл млеко, 150 г шеќер, 5 белки, 40 г путер, 100 г суво грозје, 2 помали рендани јаболка (или едно поголемо), 2 кесички ванилин шеќер, цимет по вкус, рум за натопување на сувото грозје.
ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Млакото млеко излејте го во еден подлабок сад, па издробете го квасецот. Додајте 1 лажица шеќер и 1 лажица брашно, па малку промешајте со жица/маталка. Оставете го квасецот да набубри, околу 2-3 минути во топла просторија.
Потоа, брашното се просејува и се става во садот со млеко и квасец, па се додаваат претходно изматените жолчки со преостанатиот шеќер, ванилиниот шеќер и ренданата кора од лимон. Се замесува компактно тесто кое треба да има потврда конзистентност. Потребно е енергично да го месите тестото, додека да се соединат сите состојки.
Тестото наросете го со малку брашно, па покријте го садот во кој го замесивте со проѕирна фолија. Оставете на топло место да стасува. Кај мене нарасна за околу 1 час, квасецот беше одличен. Тестото ќе биде малку помеко кога ќе ферментира, но не дозволувајте тоа да ве плаши или да мислите дека е неуспешен процесот.
Додека тестото стасува, подгответе го филот. ЗА ФИЛОТ: Загрејте го млекото со шеќерот, ванилиниот шеќер и путерот со непрекинато мешање, па во него додајте ги сите јаткасти плодови. Мешајте додека да добиете еднолична, убаво подмачкана смеса. Ако е премногу густа додајте уште малку млеко, а ако е премногу ретка додајте уште ореви.
Во смесата веднаш додајте го сувото грозје што сте го натопиле претходно во рум (доволно е да отстои 10-15 минути), како и ренданите јаболка и циметот (по желба). Оставете филот да се излади. Кога смесата ќе се олади, додајте ги изматените белки со нежно мешање (како на сликата).
ФИЛУВАЊЕ НА ТЕСТОТО: Се зема тестото што нарасна, се дели на два еднакви делови, па истото се прави и со филот. Развлечете ја прво едната половина од тестото на набрашнета површина, според ширината и должината на плехот така што дебелината на тестото да биде околу 5 мм. Тестата развлекувајте ги на хартија за печење, исечена според големината на плехот.
Распоредете половина од филот по целата површина на првото тесто, па со помош на хартија за печење се витка во цврст ролат и се префрла во плехот сосе хартијата за печење на дното. Истото повторете го и со другата половина од тестото. Ролатите се печат во претходно загреана рерна 15 минути на 220 степени.
Потоа, се вадат од рерна, се премачкува со смесата од 1-2 јајца и една лажица шеќер, па се враќа во рерна и се допекува на 175 степени, уште 30 минути. Температурата зависи од вашата рерна, но ролатите се печат во просек од 45 минути до 1 час и 15 минути.
Кога ќе се испечат, веднаш „превртете“ со плехот на друг плех, оставете да се оладат, под крпа. Послужете ги тенко сечкани со кафе, чај, млеко, што сакате, бидејќи овој оревов колач, како штудла е прекрасен. Разликата е тоа што наместо со готови кори, се прави од домашно тесто. / Сoolinarka.сom