Фото и рецепт: Зорка Јанчева – штрудла баклава.
Потребни состојки:
500 г готови кори
1 кг јаболка излупени и изрендани
150-200 г шеќер
150 г маргарин/путер
2 лажици цимет
масло за прскање на корите
За шербет:
500 мл вода
400 г шеќер
1 ванилин шеќер
1 лимон – рендана кора
Постапка:
Јаболката измијте ги, излупете ги, а потоа на крупната страна од рендето изрендајте ги. Ставете ги во тенџере или длабока тава на оган за да ги пропржите.
Динстајте ги додека да им испари течноста, а потоа додадете 150-200 г шеќер во зависност од тоа колку се слатки јаболката. Потоа додадете 150 г маргарин и добро пропржете ги. На крај наросете 2 лажици цимет и соединете.
Отворете ги корите и поделете ги на по 3 или 4 кори, во зависност од тоа колку дебели сакате да ви бидат ролатите. Секоја кора прскајте ја со масло, врз неа ставете друга кора, а врз третата или четвртата кора на едниот крај ставете фил.
Свиткајте во ролат. Вака приготвените ролати редете ги во намастен плех, исечете ги на парчиња, одозгора премачкајте ги со масло и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу половина час.
Печената штрудла треба да излади, па да се полее со врел шербет. За шебет во тенџере на оган ставете 500 мл вода и 400 г шеќер. Откако ќе зоврие на умерено се вари 15 минути, а пред крај му се додава ванила и лимон.
Фото и рецепт: Зорка Јанчева