Потребни состојки:

1 литар млеко

4 јајца

6 лажици шеќер

2 ванилин шеќер

2 полни лажици брашно

Постапка:

Одвојте ги жолчките од белките. Ставете го млекото во шерпа со дебело дно на умерен оган.

Додека млекото се грее, изматете ги белките во цврст снег. Прво користете ја малата брзина на миксерот, па дури потоа побрзата, за да не „спаднат“ белките. Токму кога млекото ќе почне да зовриева, белките ќе бидат изматени.

Намалете го огнот на најслабо, па со лажица во млекото додавајте кнедли од изматените белки. Кога ќе почнат да растат, свртете ги и од другата страна да се сварат. Ако ви „бегаат“ како на мене и тешко ви оди вртењето, едноставно поливајте ги со лажица одозгора.

Готовите кнедли со решеткаста лажица вадете ги од шерпата и редете ги во тепсија или во садот во кој ќе ги послужувате. Млекото тргнете го од оган.

На жолчките додадете им шеќер и ванилин шеќер, па матете ги пенесто додека да побелат. Додадете две полни лажици брашно и прво полека промешајте со лажица, па дури потоа со миксер.

Во добиената смеса додадете малку од топлото млеко и мешајте со лажица за да не се „сварат“ жолчките веднаш. Млекото вратете го на оган, вклучете на тивко, па со постојано мешање полека долевајте од изматените жолчки. Продолжете со мешање додека да се добие саканата густина (треба да се добие густ крем).

Штом кремот е готов, прелијте го врз наредените кнедли и оставете добро да излади.