Отсекогаш имав желба да направам шербетни колачи, бидејќи се сочни, вкусни и се топат во уста. Постојано досадував со прашања „како“, „што е важно“, „која е тајната“… Особену ме мамеа колачите наречени „урмашици“.
Откако научив да ги правам, често ги приготвувам токму според овој рецепт. Повеќе не ми треба друг и не го менувам. Многу е едноставен, а не е потребно ниту многу време, па им успева и на почетници.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2 јајца, 2 мали шолји (за кафе) шеќер, 2 шолји масло, 3 г прашок за печиво (половина кафена лажичка), 350-400 г брашно. За фил: 100 г мелени ореви, 50 мл врело млеко, 1 лажица шеќер. За шербет: 9 шолји вода, 7 шолји шеќер (шолјите се мали, за кафе)
ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го шербетот кој не е потребно да се вари. Едноставно помешајте ја водата и шеќерот и мешајте со лажица додека шеќерот целосно да се растопи. Готово е кога веќе не се забележуваат кристалчиња шеќер во водата.
Во посебен сад за матење ставете две јајца и малку изматете ги со жица-маталка. Потоа додајте две шолјички шеќер и непрекинато матете додека да се соединат, а потоа постепено додајте ги и двете шолјички масло, па продолжете со матење.
Потоа постепено започнете да го додавате брашното и една полупразна лажичка прашок за печиво. Мешајте со маталката или со лажица додека можете, а потоа месењето продолжете го со рака.
ЗА ФИЛ: Во мелените ореви додајте шеќер и попарете ги со врело млеко. Промешајте и оставете да се олади смесата. За тоа време тестото поделете го на 20 еднакви делови (мали топчиња, кои можете да ги мерите и на вага, доколку сакате сите да ви бидат подеднакво исти).
Со дланките формирајте топчиња, па сплескувајте ги во мали тенки кругови. Во средина од малата коричка ставете една мала лажичка фил. Затворете го со прстите да добие долгнавест облик на лимон, а потоа притиснете го на ренде за да добие шара.
Вака приготвените колачи редете ги во плех, претходно тенко намастен со масло. За да не ви лепи рендето кога ќе ги притиснувате на него, наросувајте го со малку густин или брашно.
Доколку има потреба дообликувајте ги колачите малку со прстите за да бидат еднакви. Загрејте ја рерната на 180 степени, а потоа ставете ги колачите да се печат во загреаната рерна, на двата греачи, додека убаво да заруменат.
Печените и топли колачи прелијте ги со ладниот сируп, па оставете ги да се оладат и да го впијат шербетот. Одозгора наросете ги со малку мелени ореви. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.