Шеќерпаре со едно јајце. Вкусни старински колачи за сите љубители на шербетните колачи – лесен и брз рецепт. Ќе ве воодушеват и со вкусот и со изгледот. одлични се за секоја пригода. Многу лесно се подготвуваат, а ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 100 мл масло, 50 г шеќер во прав, 50 г кокос, 1 ванилин шеќер, 250 г маргарин/путер + малку за премачкување, 600 г брашно, 5 г прашок за печиво ( ½ кесичка). ЗА СИРУП: 500 г шеќер, 500 мл вода. И уште: кокос за наросување

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете едно јајце, 100 мл масло, 50 г шеќер во прав, 50 г кокосово брашно и 1 кесичка ванилин шеќер. Убаво промешајте со маталка додека да се изедначат состојките. Потоа додајте 250 г растопен и малку подизладен путер, па промешајте за да се соедини во смесата.




Постепено додавајте 600 г просеано брашно и една лажичка прашок за печиво, па замесете со рака додека да добиете ровко тесто кое лесно се обликува. Плех или огноотпорен сад намастете го со путер.




Кинете топчиња од тестото и со остар нож засекувајте ги од едната страна во форма на зраци (погледни видео). Вака формираните колачиња редете ги во претходно приготвениот плех и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Оставете ги целосно да изладат.




Шербет: во тенџере ставете 500 г шеќер и прелијте со 500 мл вода. Оставете да врие 5 минути колку да се растопи шеќерот и да се формира сирупот. Ладните колачиња прелијте ги со врелиот сируп, со помош на кутлача. Оставете ги да изладат и да го впијат сирупот. Врз секое шеќер-паре ставете по едно лажиче кокос во средината и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.




Втор рецепт, Фото и рецепт: Родна Трпеска. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, ½ чаша од 250 мл шеќер, 125 г путер/маргарин, ½ чаша гриз, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 2 чаши брашно. ПОСТАПКА: Шеќерот и јајцата се матат, па се додава путерот и другите состојки, се месат и се добива тесто.




Од тестото се прават топчиња, со помош на дрвена лажица, со дршката правите дупчиња во средина, ги редите во плех претходно намастен или обложен со хартија и ги печите во рерна. Излегуваат околу 40 топчиња.




СЕ ПРИГОТВУВА ШЕРБЕТОТ: 3 чаши шеќер, 3 ½ чаши вода. ПОСТАПКА: се става на оган да вари од 10 до 15 минути. Шербетот кога е изладен се полева врз врелите колачиња. Во дупчињата се редат јатки од ореви. Ова е најубавото шеќерпаре што некогаш сте го пробале!




Уште еден рецепт од Родна Трпеска. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: ½ шолја шеќер, 2 јајца, 125 г путер/маргарин, ½ шолја гриз, 2 шолји брашно, 1 прашок за печиво. ЗА ПОЛНЕЊЕ: јатки ореви и суво грозје. ЗА ШЕРБЕТ: 3 шолји шеќер, 3,5 шолји вода, 2 ќесички ванилин шеќер.

ПОСТАПКА: најпрво се приготвува шербетот. Три шолји шеќер се варат во 3,5 шолји вода околу 10 – 15 минути. Пред крајот се додава ванилиниот шеќер. Шербетот се трга на страна и се остава да излади. Двете јајца пенасто се матат со половина шолја шеќер додека да се растопи.




Потоа се додава 125 г путер или маргарин, половина шолја гриз, две шолји брашно и еден прашок за печиво, па се замесува тесто. Од тестото се кинат мали парчиња, се формираат топчиња, а во внатрешноста им се става орев и суво грозје претходно натопено во вода и исцедено.




Се печат во загреана рерна на 180 – 200 степени додека убаво да заруменат. Врелите печени колачи се прелеваат со ладниот шербет и се оставаат да изладат. Фото и рецепт: Родна Трпеска.

Фото и рецепт: Родна Трпеска