Шербетен колач со ореви – се мери со шолја за кафе, а вкусот е како од бајка. Позната ориентална слатка за сите љубители на шербетните колачи – како баклава без кори или како напредната верзија на арапскиот колач од бајките.
Потребни состојки: 2 јајца, 4 шолјички (за кафе) масло, 6 шолјички млеко, 3 шолјички гриз, 5 шолјички брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 1 ќесичка ванилин шеќер, 100 г мелени ореви, 100 г суво грозје. За шербет: 900 – 1000 г шеќер, 1 литар вода, 1 лимон (сок или сечени тркалцa), 100 г ореви за наросување одозгора.
Постапка: Јајцата добро изматете ги со миксер додека да побелат и згуснат, додајте го шеќерот и матете додека да се растопи, па додајте масло, млеко и сите останати состојки.
Добро соединетата смеса излејте ја во намастен плех 30х40 цм и ставете да се пече во загреана рерна на 180 – 200 степени околу половина час. Шербетот се вари околу 15 – 30 минути на тивко – умерен оган, а пред крајот му се додава сок од лимон или лимон исечен на тркалца.
Ладниот колач прелијте го со млак шербет, никако врел, одозгора богато наросете го со ореви и оставете добро да излади 24 часа, па дури после послужете го.
Најдобро е да се чува во фрижидер, кога колачот е добро изладен има супер вкус. Можеби на почетокот ќе ви изгледа дека има премногу шербет, но сè впива и треба да биде доста сочен. Се мери со шолја за кафе.
II РЕЦЕПТ: Шеќер паре што се топи во уста – колачи со гриз, полнети со ореви и суво грозје, прелиени со шербет. Фото и рецепт: Родна Трпеска. За мерка се користи шолја од 250 мл.
Потребни состојки: ½ шолја шеќер, 2 јајца, 125 г путер/маргарин, ½ шолја гриз, 2 шолји брашно, 1 прашок за печиво. За полнење: јатки ореви и суво грозје. За шербет: 3 шолји шеќер, 3,5 шолји вода, 2 ќесички ванилин шеќер.
Постапка: Најпрво се приготвува шербетот. Три шолји шеќер се вари во 3,5 шолји вода околу 10 – 15 минути. Пред крајот се додава ванилиниот шеќер. Шербетот се трга на страна и се остава да излади.
Двете јајца пенасто се матат со половина шолја шеќер додека да се растопи. Потоа се додава 125 г путер или маргарин, половина шолја гриз, две шолји брашно и еден прашок за печиво, па се замесува тесто.
Од тестото се кинат мали парчиња, се формираат топчиња, а во внатрешноста им се става орев и суво грозје претходно натопено во вода и исцедено. Се печат во загреана рерна на 180 – 200 степени додека убаво да заруменат.
Врелите печени колачи се прелеваат со ладниот шербет и се оставаат да изладат. Фото и рецепт: Родна Трпеска.