I РЕЦЕПТ – Без печење, без миксер: Песок торта која е готова за кратко време. Рецепт и видео презентација на BreaD – Песок торта готова за половина час. Без печење, без миксање. Иако можеби ви звучи нестварно за една ваква вкусна и раскошна по вкус торта, сепак направете ја и уверете се.
Зошто да чекате да се олади кремот, па дури потоа да го пставите путерот и тоа претходно пенасто измиксан со шеќерот во прав? Цела таа процедура е непотребна! Во врелиот пудинг веднаш ставете го путерот, поделете го на три дела. Потоа само уште останува да ги додадете ги останатите состојки и редете ги слоевите на тортата.
Овој рецепт можат и деца да го прават. А се добива една многу фина и обилна торта. Торта која ќе ја приготвувате многу брзо, без употреба на миксер и рерна, а сигурно че ја правите и многу често. Потребни состојки: 1,5 литар млеко, 6 пудинг од ванила, 250 г шеќер.
Потоа, 2 ванилин шеќер, 250 г путер, 300 г кокос (1.фил), 300 г мелена плазма, (2.фил), 200 г чоколадо (за 3.фил), 200 г мелени ореви (за 3.фил) и за декорација шлаг или по желба. Постапка: Шест пудинзи од ванила помешајте ги со 250 г шеќер и малку млеко одземено од вкупното, 1,5 литар млеко.
Промешајте добро за да се растопи шеќерот и да нема грутчиња од прашокот за пудинг. Остатокот од млекото ставете го на оган, додадете 2 кесички ванилин шеќер и промешајте. Кога млекото ќе зоврие, постепено додадете ја разматената смеса и постојано мешајте на намален, тивок оган, додека убаво да згусне смесата.
Откако ќе се свари пудингот, додека сè уште е врел, во него додадете 250 г исечкан путер и промешајте за да се растопи и соедини со пудингот. Добро измешајте за да добиете мазен крем. Пудингот веднаш поделете го на три еднакви делови, во различни садови.
Двата сада покријте ги со фолија или повремено промешувајте ги за да не фатат коричка. Во првиот дел додадете 300 г кокосово брашно и промешајте да се изедначи смесата. Во вториот дел промешајте 300 г мелени бисквити и промешајте за да се изедначи и оваа смеса.
Во третиот дел додадете 200 г растопено чоколадо (промешајте) за да добиете изедначен кафеав крем, а потоа додадете и 200 г мелени ореви. Убаво промешајте до изедначување. Редење: на дното од калапот прво нанесете го филот со кокос, рамномерно распоредете и израмнете, како втор фил распоредете ја мешавината од пудинг и бисквити.
А на крај, рамномерно распоредете го чоколадниот фил и израмнете. Оставете ја тортата во фрижидер 2-3 часа за да се стегне. Потоа извадете го обрачот и декорирајте ја со шлаг или по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Чоко кекс торта изматена за 10 минути, без печење, без голема мака. Рецепт и видео презентација на “Домашни рецепти” (Homemade recipes) – Чоко кекс торта. Колачот се прави навистина многу брзо со превскусен чоколаден крем кој уште додека е топол се филува врз чоколадни кекси.
Пробајте, брзо и вкусно. Потребни состојки: 1 литар млеко, 3 лажици какао, 6 лажици пченкарен скроб/густин/нишесте, 150 г шеќер, 100 г чоколадо, 400 г кекси со какао, 50 г путер за глазура и 200 г чоколадо со лешници за глазура. Постапка: Во тенџере ставете 1 литар млеко, 3 лажици какао, 6 лажици густин, 150 г шеќер и 100 г чоколадо искршено на коцки.
Загревајте на тивок оган со постојано мешање додека смесата да згусне како крем. Во калап со средна величина наредете еден слој кекси со какао а врз нив рамнемрно распоредете четвртина од топлиот фил и израмнете. Одозгора наредете нов слој кекси и повторете ја постапката.
Постапката се повторува и после третиот и четвртиот слој кекси. Врз петиот слој не ставате фил. За глазура: во еден сад ставете 50 г путер и 200 г чоколадо со лешници. На тивок оган растопете го чоколадото, а потоа глазурата прелијте ја врз колачот и рамномерно распоредете.
Оставете го колачот еден час да одмори во фрижидер за да се стегне и добро и да се излади, а потоа сечете го и послужете го. Убаво и лесно се сечат парчињата, а тортата е многу вкусна. Може да се приготвува за специјални пригоди, но и за секој ден. Деталите од целата постапка може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
III РЕЦЕПТ – Рафаело торта за која не ви е потребна рерна, а се прави за 15 минути. Како се прави Рафаело торта која не се пече. Пробајте супер е, готова е за 15 минути. Рецептот и видео презентацијата е на Силвана од “Кујната на Силвана” (Silvana’s Kitchen).
Колачот е многу мек, нежен и секој залак се топи во уста. одозгора можете да го наросите со кокос и да го декорирате со лешник за потполн – рафаело – вкус. Потребни состојки: 1 литар млеко, 8 лажици шеќер, 2 пудинг од ванила, 120 г путер, 50 г бело чоколадо, 210 г кокос, 180 мл слатка павлака, 1 пакување петит кекси и малку кокос за наросување одозгора.
Постапка: Еден литар млеко ставете го да се загрее во тенџере на оган. Додадете осум лажици шеќер и промешајте за да се растопи. Веднаш додадете ги и прашоците од две кесички пудинг со вкус на ванила. Убаво промешајте за да нема грутчиња и варете го пудингот на умерена температура додека да се згусне.
Мешајте цело време и внимавајте да не ви загори. Кога ќе згусне пудингот додадете 120 г путер исечкан на парчиња и 50 г бело чоколадо. Мешајте додека сите состојки се растопат и убаво се соединат во кремот. На крај додадете 210 г кокос и уште еднаш убаво промешајте за да се натопи рамномерно и да се изедначи смесата.
На крај додадете 180 мл густа склатка павлака. Промешајте и целата смеса претурете ја во посебен сад. За да добие крематозна структура измиксајте го неколку минути со миксер додека да стане нежен и мазен крем. Нема потреба да го оставате да изладува, колачот може веднаш да се филува додека кремот е сè уште топол.
Во калап со обрач кој се вади, димензии 24х24 см на дното наредете бисквити. Нема потреба да ги натопувате затоа што тие ќе си примат влажност од кремот и ќе омекнат. Може да користите и калап со различни димензии во зависност од тоа дали сакате колачот да ви биде повисок или понизок.
Врз наредените бисквити рамномерно наредете третина од филот и убаво израмнете (оставете малку фил за најгоре). Потоа наредете нов слој бисквити и нежно втиснувајте ги во кремот. Откако ќе го наредите четвртиот слој бисквити, премачкјате со остатокот од кремот.
Распоредете рамномерно и убаво израмнете. Одозгора наросете кокосово брашно. Вака приготвениот колач оставете го во фрижидер да излади и да се стегне околу 4-5 часа. Потоа извадете го обрачот, сечете на штангли или коцки и послужете го овој вкусен колач. По желба декорирајте со лешник. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
IV РЕЦЕПТ – Јафа кекс торта без печење, а се прави за 15 минути. Рецепт и видео презентација на Беба од бебина кујна – Јафа кекс торта. Јафа торта без печење, содржи разни бисквити и шлаг со глазура. Многу вкусна, брза и едноставна за приготвување, одлична во летните периоди за освежување, но и во зимските, за сладење.
Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 250 г јафа бисквити или ресани, 200 г кекси по ваш избор, 100 г петит бисквити и малку млеко за натопување на кексите. За прелив: 100 г чоколадо за готвење, 100 г маргарин или путер и 2 лажици масло. Постапка:
Најпрво исечете ги јафа бисквитите на коцки, а другите кекси искршете ги со рака, без разлика на каква големина ќе ви излезат. Изматете ја слатката павлака додека да добиете цврст шлаг, па поделете ја на два дела и во секој измешајте ги приготвените кекси (во едниот дел ставете јафа, а во другиот кексите).
Во тркалезен калап за торта, на дното и на страните наредете бисквити претходно малку натопени во млеко. Во калапот излејте ги смесите со бисквити и израмнете, без разлика која смеса прва ќе ја ставите. Помеѓу нив доколку сакате можете да ставите уште еден слој бисквити.
Ставете ја тортата во фрижидер малку да излади, околу 20-тина минути, а за тоа време пригответе ја чоколадната глазура. Растопете го чоколадото со путер и малку масло на тивок оган додека состојките да се растопат и соединат. Измешајте и почекајте глазурата малку да излади.
Прелијте ја тортата, израмнете добро со протресување, па вратете ја во фрижидер убаво да се олади и да се стегне пред послужување. Има одличен вкус, како сладолед торта и многу лесно се сече. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ..
V РЕЦЕПТ – Плазма торта со крем бананчиња и јафа – едноставна, брза и вкусна. Едноставна торта со одличен вкус. Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно”. Децата ја обожуваат, а ја сакаат и возрасните. Во видеото не е нагласено, но најдобро е да се остави тортата преку цела ноќ во фрижидер за да се стегне и убаво да се излади.
Потребни состојки: 125 г путер или маргарин, 50 г шеќер во прав, 300 г мелена плазма, 70 мл сок од портокал. За фил: 800 мл млеко, 3 пудинг од ванила, 4-5 лажици шеќер, 125 г путер или маргарин, 70-100 г шеќер во прав, 125 г шлаг пена, 200 г јафа кекси, 150 г крем банани.
За декорација: малку чоколадо, 1 шлаг пена (40 г) по желба. Колачот-торта се приготвува во калап бр.22. Постапка: Сварете го пудинго вообичаено: во малку млеко разматете го прашокот за пудинг, а остатокот задно со шеќерот ставете ги на оган.
Кога ќе зоврие додадете го разматениот пудинг и постојано мешајте додека да се згусне. Сварениот пудинг тргнете го на страна, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да излади. Пригответе ја кората/основата: во посебен сад пенасто изматете 125 г омекнат путер со 50 г шеќер во прав.
Потоа додадете 300 г мелена плазма и промешајте со шпатула за да се изедначи во ровка смеса. Замесете со раце, па полека додавајте го сокот од портокал додека да добиете компактна смеса. Смесата рамномерно распоредете ја во калап бр.22 намастен со путер на дното и обрачот или обложен со хартија за печење.
Убаво израмнете и пртиснете со лажицата. Во посебен сад пенасто изматете 125 г путер со 70-100 г шеќер во прав. Изладениот пудинг изматете го, па во него постепено додавајте го изматениот путер и соединете ги во мазен крем. За декорација изматете 150 г шлаг пена според упатството на кесичката.
Филот поделете го на два дела и во секој додадете по две лажици од изматената шлаг пена. Промешајте за да се соединат. Во едниот дел додадете 200 г исечкани јафа (ресани), а во другиот исечкани 8 крем бананчиња (15 г). Соединете. Редење: Врз кората распоредете го филот со јафа кексите и убаво израмнете за да нема воздушни џепови.
Потоа нанесете го и вториот фил со крем банани и убаво израмнете. Најпосле премачкајте со шлаг. Доколку сакате, откако ќе ја изладите тортата и ќе го отстраните обрачот, премачкајте ја целата торта и од страните со уште еден изматен шлаг крем. Украсете по желба. Деталите од приготвувањето можее да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
VI РЕЦЕПТ – Плазма торта за 15 минути: Без печење од само 5 состојки – побрзo, повкуснo и полеснo од ова не може. Рецепт и видео прилог на Бокина Кујна – Плазма торта за 15 минути. Уште еден брз и едноставен рецепт кој на сите им се допадна.
Едноставен е за приготвување, а за негово приготвување потребни се само 5 состојки. За да излезе во ваква форма како од фотографијата, потребен ви е долгнавест, а тесен калап за печење ролати или леб. Исто така, можете да го приготвите и во калап за торти, па да го сечете како триаголници.
За декорација на колачот можете да користите чоколадна глазура, но исто така, богато би изгледало доколку го декорирате со шлаг крем или сечкано овошје, бобинки или овошна глазура. Сепак, декорацијата е индивидуална и по сопствен избор. Потребни состојки:
600 г мелена плазма (или кекси по избор), 350 – 400 г шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, 350 – 400 г путер или маргарин, 350 – 400 мл сок од портокал, 100 г мелени ореви или лешници. За глазура е потребно 100 г чоколадо или шлаг. Постапка:
Путерот оставете го да омекне на собна температура, а потоа пенасто изматете го заедно со 100 г шеќер во прав. Потоа оставете го на страна. Во еден длабок сад ставете 600 г мелена плазма, и околу 250-300 г шеќер во прав, во зависнот од тоа колку сакате колачот да ви биде сладок.
Во смесата додадете и една кесичка ванилин шеќер, 100 г мелени ореви или печени, па сечкани лешници и малку промешајте ги сувите состојки со шпатула или лажица. Во мешавината од кексити најпрво додадете околу 350 мл сок од портокал. Промешајте убаво за да се соединат состојките, па оценете дали треба да се додаде уште малку сок.
Смесата треба да е ровка. Потоа додадете го изматениот путер и изматете го со миксер за убаво да се соединат состојките. Смесата треба да биде мека и мазна, но цврста, да не паѓа од лажицата, Долгнавест, правоаголен калап обложете го со проѕирна фолија, па во него рамномерно распоредете ја смесата (лажицата натопувајте ја со ладна вода за да не ви лепи).
Одозгора израмнете го рамномерно и колачот оставете го фрижидер убаво да се олади барем неколку часови или ако немате време, околу еден час во замрзнувач. Декорирајте со чоколаден прелив или со шлаг по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Крајниот резултат е феноменален. Може да сечете многу тенки парчиња, дури и за оние кои се на диета и одбегнуваат да јадат благо. Но верувајте, толку многу ќе ви се допадне, што сигурно сите ќе ви побараат уште едно парче. Запишете си го овој рецепт.
VII РЕЦЕПТ – Јупи Торта (Фанта колач) со лесен и освежителен вкус, брза и едноставна подготовка. Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти: Јупи торта (Фанта колач). Лесна и брза торта без печење со лесен и освежителен, кремаст вкус.
Многу лесно се приготвува, може да ја направат и почетници. Потребни состојки: 100 г суво грозје, 50 г брусница, 300 г плазма бисквити, 300 г мелени бисквити (плазма), 200 г чоколадо рендано, 100 г ореви ситно сечкани, 100 г мелени ореви, 600 мл фанта сок, 250 г маргарин/путер, 100 г шеќер во прав и калап 25 см.
Уште ќе ви бидат потребни следните состојки: 300 мл слатка павлака, 1 лажица нутела, 2 часа во замрзнувач и за декорација чоколадо. Постапка: Најпрво потопете 100 г суво грозје и 50 г брусница во ладна вода да преноќат за да набубрат. Плазма кексите (300 г) крупно искршете ги во посебен сад и додадете исто толку мелени плазма кекси.
Во бисквитите додадете 200 г рендано чоколадо, 100 г ситно сечкани ореви и исто толку мелени ореви. На крај додадете го сувото овошје процедено од водата. Промешајте ги состојките па додадете 3 чаши (600 мл) фанта. Бисквитите ќе го впијат сокот целосно.
Пенасто изматете 250 г путер на собна температура со 100 г шеќер во прав, па додадете го во смесата. Измешајте со лажица или шпатула додека да се изедначи смесата, па рамномерно распоредете ја во калап за торти (25 см) обложен со хартија. Израмнете и ставете во фрижидер или на страна.
Изматете шлаг од 300 мл слатка павлака. Матете 5 минути, па додадете една супена лажица нутела и иматете уште малку за да се соедини. Нанесете го шлагот одозгора и израмнете, па тортата оставете ја во замрзнувач да се стегне 2 часа. Одозгора декорирајте со рендано чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.