Секој домаќин или домаќинка си има свој рецепт и свој начин на приготвување, единствено може да се разликува во количината и додатоците кои се ставаат за вкус како што е лимон, ванила или листови од билката слаткарче. Доколку имате испробан рецепт, можете да го споделите со читателите на НМД.
За подготовка на ова слатко потребни се зелени смокви, кои кога ќе се скинат испуштаат млечно бела течност која се користи за лекување на брадавици. Токму поради него смоквите се вријат во 9 води, според некој во 6 води или само во 2-3 води со оставање на изладат по што секоја смоква поединечно се истискува за да излезе од нејзе млечот. Издвоивме два пишани рецепти и едно видео.
РЕЦЕПТ 1 – СЛАТКО ОД ЗЕЛЕНИ СМОКВИ
Потребни состојки:
1 кг и 250 г мали зелени (диви) смокви
3 кг шеќер
500 мл вода
3 лимони
1 ванила
Постапка:
Смоквите добро измијте ги со ладна вода, па потоа исечете им ги петелките и со чепкалка или игла за плетење дупнете ги на двата краја. Вака приготвените смокви ставете ги во чисто тенџере, прекријте ги со ладна вода, па ставете ги на оган да зовријат.
Откако малку ќе извријат врелата вода фрлете ја, па додадете нова вода и постапката повторете ја 6-9 пати. Кога ќе се фрли последната вода, смоквите ставете ги да се цедат.
Шербет: шеќерот и водата ставете ги на оган додека да се растопи и почне да се вари. Шербетот не мора да биде густ за да можат смоквите да се варат во него.
Слаткото се вари брзо на посилен оган при што се создава пена која треба да се собира. Готово е кога на страна ќе ставите малку шербет да излади и кога ќе се подигне, треба да паѓа во густи капки од лажицата.
Пет минути пред крајот од варењето додадете сок од три лимони и една ванила. Готовото слатко се трга од оган и се покрива со влажна крпа да отстои 10 минути.
Потоа се враќа назад на оган да зоврие повторно. Ова се прави затоа што смоквите додека отстојуваат покриени, испуштаат уште сок кој го впиле при варењето во водата, па на овој начин се пречува шербетот да се разреди. Кога уште малку ќе изврие, се трга пената и се остава да излади. Изладено со собира во стерилни тегли.
РЕЦЕПТ 2 – СЛАТКО ОД ЗЕЛЕНИ СМОКВИ
Потребни состојки:
1 кг зелени смокви
2 литри вода
2,2 кг шеќер
2 ванилин шеќер
2 лимони
Постапка:
Лимоните измијте ги, отсечете им ги петелките и засечете ги на горниот и долниот дел. Со игла боцнете ги на две места, па налијте ги со ладна вода и ставете да се варат 9 пати со менување на водата.
Може да се варат во две тенџериња паралелно, додека смоквите се варат во едно тенџере, во другото се зоврива вода, па после со решеткаста лажица само се префрлаат смоквите во другото тенџере. На овој начин се добива на време. Потоа смоквите процедете и оставете ги да се цедат додека го приготвувате шербетот.
Шербет: Шеќерот ставете го во тенџере, налијте го со ладна вода и ставете на оган да се вари, не предолго за да не згусне многу. Ставете ги смоквите внатре за убаво да се сварат. На 5 минути пред крај додадете ги исечканите лимони на кругови и ванилиниот шеќер.
Готовото слатко тргнете го од оган и покријте го со влажна крпа да отстои 10 минути. Потоа повторно вратете го на оган да проврие за да исари сокот што го испуштиле смоквите со стоење. На овој начин никогаш нема да се расипе или зашеќери.
Повторно тргнете го од оган, отстранете ја пената и покријте го со влажна крпа. Нека отстои преку цела ноќ, а следниот ден ладното слатко собирајте го во тегли кои се чуваат на ладно место. Од оваа количина се добиваат 4 тегли од 400 грама.
coolinarika.com