Многу брзо се приготвува, едноставен е, а толку е вкусен и сочен што се топи во уста. Сите состојки се мешаат, се пече, се прелива со сируп и се декорира со шлаг. Ако сакате да го приготвите во посна варијатна, тогаш користете некое растително млеко или газирана вода. Колачот по својот вкус потсетува на баклава без кори.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за плех 30х22 см): 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша млеко, 1 чаша масло, 1 чаша гриз, 1 чаша ореви, 1 чаша брашно, 1 прашок за печиво, се мери со иста чаша од 200 мл. За сируп: 500 г шеќер, 600 мл вода. За декорација: 2 шлаг пени, 200 мл вода, 4 лажици шеќер, арома од ванила, мелени ореви
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: чаша шеќер, 1 чаша брашно, 1 чаша кокосово брашно, 1 чаша масло (јас користев половина), 1 чаша млеко или јогурт, 1 чаша гриз, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 3 јајца. За сируп: 2 чаша шеќер (јас ставив една шолја ама тоа е по вкус, мене ми доволно слатко), 1 чаша вода, 2 лажици сок од лимон. За мерење се користи чаша од 250 мл
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во еден подлабок сад изматете четири јајца со 1 чаша шеќер. Јајцата се матат со жица или виљушка додека шеќерот да започне малку да се растопува. Потоа додајте една чаша млеко, промешајте, па една чаша масло и повторно кратко промешајте.
Во смесата додајте една чаша гриз, 1 чаша мелени ореви, 1 чаша брашно и 1 кесичка прашок за печиво. После додавањето на секоја состојка кратко промешувајте за да се инкорпорира во смесата.
Кога убаво ќе се изедначи, излејте ја во плех со средна величина, претходно обложен со хартија за печење. Протресете и израмнете па ставете да се пече половина час во претходно загреана рерна на 180 степени.
За сируп: 500 г шеќер прелијте со 600 мл вода и ставете на оган да зоврие додека да се растопи шеќерот. Гответе неколку минути додека целосно да се растопи шеќерот. Со топлиот сируп прелијте го млакиот колач. Оставете да се впие сирупот.
За декорација: две шлаг пени измешајте со 200 мл вода (може газирана) и 4 лажици шеќер, па пенасто изматете. Во шлагот додајте 1-2 лажички арома од ванила или по вкус.
Шлагот оставете го половина час во фрижидер да излади, а потоа нанесете го врз колачот и израмнете. Одозгора наросете мелени или сечкани ореви. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Изматете ги јајцата со шеќер и додајте ги останатите состојки. Истурете во плех обложен со хартија и печете во загреана рерна на 200 степени 30-тина минути. Во меѓувреме сварете сируп од шеќер и вода, додека да зоврие, па потоа додајте сок од лимон и гответе уште околу 1-2 минути.
Врелиот колач прелијте го со сирупот и оставете добро да впие и да се олади, па потоа сечете на коцки. Во некои рецепти може да се сретне дека пред печење се редат цели бадеми врз колачот. Се служи со кафе Бахарат, ориентален рецепт за кафе ароматизирано со каранфилче, цимет, кардамом и мускатно оревче.