Јоаникиј Ракотински (1839 – 24. I 1940) е македонски архимандрит, учител, лекар и православен свештеник. Во текот на својот живот служел во манастирот св.Илија во Ракотинци, каде бил особено почитуван од сите жители во месноста.
Лекувал со лековити билки, а онаму каде не можеле билките да помогнат, чудотворно ги исцелувал луѓето со молитви упатени кон бога.
Самиот ископал бунар чија вода била лековита. Многу години после неговата смрт, овој бунар на св.Илија бил заборавен, срушен и заборавен.
Мештаните раскажуваат дека некоја жена по име Ружа која била тешко болна и во кома, го сонила овој бунар и слушнала глас кој и рекол да го откопа зошто во него има лековита вода.
Жената се разбудила и сè уште под влијание на гласот од сонот заминала да го бара овој заборавен бунар. Го пронашла недалеку од манастирот свети Илија, по што го соѕидала повторно и го означила. Мештаните велат дека водата навистина е лековита и најмногу ја користат за очи.
Јоаникиј Ракотински
Јоаникиј патувал во свети места, за што луѓето го нарекувале “Дедо Аџија”. Тој бил добро образован и во тоа време бил сметан за најобразованата личност во околината.
Предавал во училиштето сместено во дворот на манастирот и повремено ги решавал како локален судија споровите на месното население.
Освен тоа, имал познавања од областа на медицината, па месното население му се обраќало за лекување. Неговиот лекарственик по кој ги лекувал луѓето бил пронајден во селскиот храм заедно со неговата автобиографија, дневници на касата, деловодници и инвентарните книги.
Во неговата автобиографија, Јоаникиј дал детални описи за страданијата што ги претрпувал од турските власти и од локални турски и арнаутски одметници, кои во неколку наврати сакале да го убијат. Но неговите страдања, не престанале ни по Балканските војни.
По поделбата на Македонија во 1913 година, Јоаникиј и натаму не бил оставен на мир, а тортурите продолжиле од новите власти.
Додека сè уште бил жив, архимандритот сам си го ископал гробот каде бил закопан по смртта. Отец Јоаникиј починал на 24 јануари 1940 година во Ракотинци, во 101 година
Живеел еден век, а зад себе оставил многу чуда.
После 40 години неговиот гроб се отворил и свештеникот кој служел во манастирот забележал дека телото е цело и нераспаднато. Сакајќи да го заштити од власта, го скрил, па подоцна повторно го вратил во гробот.
Но, телото на Јоаникиј повторно излегло. Тогаш по третпат го соѕидале гробот, но овој пат телото го ставиле во стаклен ковчег и врз него ставиле три плочи, од кои едната имала отвор низ кој можело да се гледа лицето на отецот.
Набрзо се расчуло за чудотворното појавување на нераспаднатите мошти на отецот и се појавил особено голем интерес за него. Започнале да кружат гласини за лековитата моќ што ја имаат моштите, па се јавила опасност од кражба.
Еден ден вознемирените Ракотинчани дознале дека телото на старецот Јоаникиј е исчезнато, а потоа добиле известување од МПЦ дека телото е на сигурно и дека тајното пренесување на моштите е направено од оправдани причини.
Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци е прогласен за светител на 24 септември во Соборниот храм “Св. Климент Охридски” во Скопје.
Презвитер Бобан Митевски раскажува дека веднаш по канонизацијата на свештеникот продолжиле да се случуваат чудотворните исцелувања.
Тој појаснува дека, всушност, Свети Јоаникиј не ги прави чудата, туку тоа го прави бог, поради неговата молитва врз верниот народ.
Негова препорака до верниците е да не пристапуваат суеверно, односно да не мислат дека нештата веднаш ќе исчезнат, туку да бидат опстојни во молитвата и во она што го бараат од бога. Но, и да ја прифаќаат волјата божја.
Сите што сакаат да се помолат пред скапоцениот кивот (специјален сандак за мошти), во кој се сместени моштите на ракотинскиот светец, имаат можност да присуствуваат на акатистот на светиот Јоаникиј Ракотински секој вторник во 17 часот – изјавил отец Бобан.