Рецепт и видео презентација на Спасиќ Ема од “Емилина Кујна” – Брз крем колач во три слоја. Можеби на прв поглед ќе ви делува дека овој колач содржи многу состојки, но токму оваа комбинација од вкусови е она што овој колач го прави толку интересен и уникатен. Сè што сте сакале – на едно место.
Потребни состојки: пакување петит кекси, 1 литар млеко, 120 г пудинг со вкус на ванила 120 г, 10 лажици шеќер, 125 г путер или маргарин, 3 лажици капучино во прав, 250 мл вода, 100 г кокос, 10 лажици мелени ореви, 2 лажици нутела, 5-6 мињони или крем бананчиња.
За декорација ќе ви биде потребнат следните состојки: 100 г шлаг, 2 лажички капучино во прав и рендано чоколадо. Секако, декорацијата секогаш е по избор. овој е нашиот избор, но доколку сакате можете да додадете и свои идеи.
Постапка: Во едно тенџере ставете 800 мл млеко и ставете го на рингла да се загрева на тивок оган. Во посебен сад ставете 200 мл млеко, додадете 120 г пудинг со вкус на ванила (една кесичка) и 10 лажици кристален шеќер. Разматете го убаво пудингот да нема грутчиња.
Кога млекото ќе се загрее пред зовривање, намалете ја температурата на ринглата, па започнете постепено да го додавате разматениот пудинг со постојано мешање. Варете го кремот со непрекинато мешање додека убаво да се згусне. Во врелиот пудинг додадете 125 г путер исечкан на парчиња.
Продолжете со мешање додека путерот целосно да се растопи и инкорпорира во пудингот. Сварениот пудинг излејте го во посебен сад за полесно да се излади и покријте го проѕирна фолија за да не фати коричка (ако немате фолија, потребно е повремено да го промешувате).
Додека се лади пудингот, ситно исечкајте ги мињоните или крем бананчињата (ова е по избор). Во посебен сад ставете три полни супени лажици капучино во прав и прелијте ги со 250 мл врела вода. Изматете ја добро смесата со жица-маталка, па претурете ја во поширока чинија за побрзо да се олади.
Кога кремот од ванила целосно ќе се излади, пенасто изматете го со електричен миксер и поделете го на три еднакви делови во различни садови. Во едниот дел додадете 100 г кокос и промешајте со лажица или шпатула за да се соедини и изедначи смесата.
Во вториот дел од кремот додадете десет супени лажици мелени ореви и две супени лажици нутела или некој друг лешников крем, па исто така и претходниот крем, убаво изматете го со миксер додека да се соединат состојките и да се изедначи смесата.
Во третиот крем додадете ги ситно сечканите мињони/крем бананчиња, па и нив промешајте ги со лажица за еднакво да се распоредат низ смесата. Започнете го редењето на колачот: Петит кексите кратко потопувајте ги во изладеното капучино, па редете ги на дното од плех со димензии 28х18 см.
Откако ќе го наредите првиот слој кекси, врз нив рамномерно распоредете го кремот во кој ги додадовте сечканите мињони/крем бананчиња. Израмнете ја површината, па започнете со редење на нов слој кекси, исто така претходно кратко натопувани во ладното капучино.
Врз вториот слој кекси рамномерно распоредете го филот со кокос. Добро израмнете ја површината на наредете трет слој кекси, претходно кратко натопувани во ладно капучино. Најпосле распоредете го рамномерно и последниот фил со мелени ореви и нутела.
Добро израмнете и ставете го четвртиот, последен слој кекси. вака приготвениот колач покријте го со фолија и ставете го во фрижидер да се лади најмалку 2-3 часа. По изминатото време извадете го од фрижидер и декорирајте го по желба или според нашиот предлог.
Во подлабок сад за матење истурете 100 г шлаг во прав (една кесичка) и 2 лажици капучино во прав. Додадете ладна газирана вода или ладно млеко според упатството на кесичката и изматете со електричен миксер додека да добиете кремаст шлаг со вкус на капучино.
Отстранете го обрачот од калапот и премачкјате го целиот колач со изматениот шлаг, од сите страни. Одозгора наросете рендано чоколадо. Колачот е готов, можете да го пресечете и послужите. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.