Рецепт и видео презентација на Кујна Саби. Колачот е многу лесен, евтин и едноставен, иде сè по три лажици, а крајниот резултат е нешто што навистина ќе ве воодушеви.

Потсетува на старинскиот колач “кох” со една освежителна нота на лимон. целиот е сочен и се топи во уста.

Потребни состојки: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 3 лажици густин, 3 лажици гриз, 3 лажици млеко, 3 лажици масло, 3 лажици брашно, 3 лажици сок од лимон (приближно 1 лимон), рендана кора од лимон за вкус, 1 прашок за печиво, 2 кесички ванилин шеќер и малку путер за намастување на калапот.

За прелив ќе ви бидат потребни следните состојки: 500 мл млеко и 3 лажици кафеав шеќер (или обичен ако немате интегрален).

Колачот се пече 15 минути во претходно загреана рерна на 180 степени, па врелиот колач се прелива млеко и шеќер (без варење). Одозгора се наросува со нешто по ваша желба.

Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, бидејќи колачот се приготвува многу брзо и лесно.

Можете веднаш да го приготвите и преливот за колачот кој не треба да се вари. Доволно е во млекото да го ставите шеќерот и да промешате додека тој да се раствори.

Во подлабок сад ставете три големи јајца, претходно отстојани на собна температура, додајте три лажици шеќер.

Кој сака може и да ја намали количината на шеќерот, бидејќи во смесата и две кесички ванилин шеќер. За наш вкус ова е доволно слатко за ваков сочен колач.

Јајцата со шеќерот кратко изматете ги со жица-маталка, па додајте три лажици млеко, три лажици масло, три лажици лимонов сок и промешајте за да се соединат состојките.

Потоа додадете го брашното, прашокот за печиво и две кесички ванилин шеќер.

На крај додајте го и густинот, гризот и ситно рендана лимонова кора. Сите додадени состојки треба убаво да се измешаат со жица-маталка додека да се изедначи смесата, да нема грутчиња.

Плех или калап со димензии 30х20 см намастете го со путер или маргарин.

После 3-5 минути мешање, добиената смеса излејте ја во приготвениот плех, рамномерно распоредете и протресете го плехот, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, околу 15 минути.

Дали е готов колачот ќе проверите со чепкалка.

Додека се пече колачот промешајте го млекото со шеќерот за да проверите дали шеќерот целосно се растопил.

Печениот колач извадете го од рерна и веднаш додека е врел прелијте го ладното млеко во кое растворивте три лажици кафеав (интегрален) шеќер.

Ќе забележите дека колачот веднаш ќе го впие млекото. Додека колачот е топол и влажен, одозгора посипете мелени ореви за поубаво да се соединат со колачот.

Наместо ореви можете да посипете мелени лешници, кокос, мелени бисквити или што и да сакате вие по желба.

Колачот потоа е потребно да се остави добро да излади, се послужува ладен од фрижидер, може со вртлог шлаг или топка сладолед по избор.

Сам по себе колачот е премногу вкусен, па може и без дополнителна декорација. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.