Овде најчесто доаѓаат луѓе кои имаат проблеми со стомачни заболувања, уринарниот тракт но и бубрежни болести за да наточат од минералната вода. Водата навистина има остар мирис и специфичен вкус, но вреди да дојдете и да ја пробате.
Овде не доаѓаат само луѓе кои имаат мака, местото иако не е експонирано , го посетуваат голем број домашни и странски туристи.
Во овој живописен предел се наоѓа и познатата пекара каде се меси најприродниот леб и се пече во фурна на дрва. Тајната на овој на далеку прочуен леб ја открива Софче.
Вистинска ботаничка градина богата со зимзелени шуми, медитерански растенија, но и ендемичниот видов какво што е дрвото гол човек за кое предмалку зборуваше нашиот соговорник Леонид.
Единствено зимзелено дрво кое што два пати годишно ја менува својата лушпеста кора, лисјата му се јајцевидни а цветовите распоредени како гроздови. Ако имате прилика да сретнете вакво дрво пред вас, кога ќе го допрете ќе имате чувство како допирате нежна човечка кожа, па токму затоа и го носи името ГОЛ ЧОВЕК.
По прошетка и рекреација на Кожув планина се враќаме во градот каде ако не пробате смокви како да не сте биле во Гевгелија. Кралицата на медитеранските овошки иако спаѓа во категорија на цвеќиња, од нејзе се прави највкусното слатко. По 11 пат оваа година се оддржа смоквијадата, манифестација на која учесниците се натпреваруваат кој ќе го свари највкусното слатко од зрели смокви.
Гевгеличани се докажаа дека се одлични домаќини кои го прават најдоброто слатко од смокви, вкусен ајвар, а мајстори се и за жолта ракија од која како што велат низ смеа утредента не те боли глава. По сето ова, ќе се согласите дека општина Гевгелија со право го носи епитетот град на сонцето, традицијата и среќата.
Извор: Букефал