Во разни краишта се нарекуваат различно, но јас ги знам како „сарајлии“, а така ми се запишани и во тефтерот. Го открив одамна рецептот на Ане Велеска и оттогаш постојано ги правам. Печивата се многу вкусни и меки како душа. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 2 јајца, 2 лажици шеќер, 4 лажички сол, 4 лажички масло, 1 коцка свеж квасец, околу 1 кг брашно, 120 г путер/маргарин (околу половина од цела коцка), ½ филџан од кафе масло (30-50 мл), ситно сирење по потреба и по вкус (фета, мешано, урда, свежо..)
ПОСТАПКА: Во еден сад изронете го квасецот, додајте шеќер и малку брашно, па растворете ги со малку млако млеко. Мешајте додека состојките целосно да се растворат и да добиете телност со конзистенција на јогурт, без грутчиња.
Оставете го квасецот настрана за да ферментира, најдобро на топло место околу 10-тина минути. Кога квасецот ќе запени, можете да започнете со замесување на тестото. Во подлабок сад ставете поголем дел од брашното, направете вдлабнување во средината и додајте ги потребните состојки.
Јајцата треба да бидат на собна температура, а солта распоредете ја во брашното (не директно во квасецот). Ставете две лажици масло, а две оставете за крај, за домесување на тестото. Постепено додавајте го млакото млеко и замесете го тестото.
Кога ќе се соединат сите состојки, ако тестото е многу лепливо, додајте уште малку брашно, а последната минута од месењето додајте го остатокот од маслото (тоа ќе го направи тестото мазно и нелепливо). Покријте го и оставете го 10-15 минути да одмори.
За тоа време подгответе го плехот во кој ќе ги печете сарајлиите: намастете го или обложете го со хартија за печење и малку и неа намастете ја. Потоа тестото поделете го на приближно еднакви 25 топчиња.
Секое топче малку развлечете го со дланките за да добиете еден вид на дебело јаже. Не го развлекувајте премногу долго или тенко, туку со дебелина од прст или два, за да можете да го свиткате во полжав.
Приготвените сарајлии редете ги во намастениот плех. Во средината од секое печиво-полжавче ставете по мало парченце сирење, спанаќ или нешто по ваша желба. Може да користите и фил од урда помешана со јајце.
Кога ќе го исполните плехот, покријте ги сарајлиите со кеса или проѕирна фолија за да не се сушат и оставете ги да отстојат 1 час и 30 минути, ако не се во премногу топла просторија (што е најдобро) или околу еден час во топла просторија. Сарајлиите треба да го удвојат својот волумен.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200-220 степени. Растопете половина путер со половина филџан масло и мешавината прелијте ја преку стасаните сарајлии. Додека се печат ќе го впијат путерот и тоа ќе им даде дополнителна мекост, но и прекрасен мирис.
Ставете ги да се печат, а печењето прилагодете го според вашата рерна. Доколку забележите дека брзо ви зацрвенуваат, тогаш покријте ги со фолија одозгора, а кога убаво ќе заруменат извадете ги и покријте ги со кујнска крпа додека малку да изладат. Убави се и топли и ладни.