Ако имате едно јајце, млеко и брашно, не пропуштајте и направете ги најубавите кроасани во светот. Многу се слични на купечките, но овие се уште повкусни и плус не содржат додадени вкусови и адитиви, целосно се природни и домашни.
Јас најмногу ги сакам со чоколаден фил или со нутела, но може да се филуваат со џем, пудинг или некој друг крем, а може да се печат празни, па отпосле да се прелијат со чоколадо. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млако млеко, 1 кесичка сув квасец (7-10 г или 1 супена лажица), 1 јајце на собна температура, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 3 супени лажици шеќер, 4 супени лажици масло, 500 г брашно, 1 мала лажичка сол, 40 г путер, 2 супени лажици скроб/нишесте/густин, чоколадо, шеќер во прав за наросување
ПОСТАПКА (сите потребни состојки за тестото треба да бидат на собна температура): Во подлабок сад ставете 250 мл млако млеко, 1 кесичка ванилин шеќер, 3 лажици обичен шеќер и 1 кесичка сув квасец. Промешајте со лажица.
Во квасецот додајте 4 лажици масло и една белка од јајце (жолчката покријте со фолија за да не се суши и оставете ја настана или во фрижидер за подоцна, за премачкување на кроасаните). Изматете добро за да се соединат состојките. Потоа започнете постепено да го додавате брашното (500 г).
На почетокот мешајте со лажица или шпатула додека брашното да ги впие течностите, а кога ќе згусне месењето продолжете го со рака. Кога ќе оцените дека почнало да се одвојува од ѕидовите на садот, истресете го на работна површина и добро измесете го да стане еластично.
Формирајте топка, вратете го во садот, покријте го со проѕирна фолија, а одозгора со крпа, па оставете го тестото да стасува еден час на топло место додека да го удвои својот волумен.
Стасаното тесто поделете го на седум еднакви делови. Формирајте топчиња, а потоа секое топче развлечете го со оклагија во тркалезна кора со големина на чинија. Кога сите ќе ги развлечете започнете со редење:
Земете една кора, одозгора премачкјате ја со омекнат путер, а потоа наросете со скроб/нишесте. Одозгора поклопете со друга кора, притиснете со дланките да се залепи, па повторете ја постапката. Последната кора не се премачкува.
Големиот куп малку сплескајте го со рацете, а потоа со помош на оклагија развлечете голема кора. Исечете ја триаголници, а потоа направете мал засек од пошироката страна. Ставете по една лажичка растопено чоколадо/нутела, па свиткајте во кифла.
Кроасаните наредете ги во плех обложен со хартија, покријте ги и оставете ги да стасуваат уште еден час.
Потоа премачкјате ги одозгора во разматена жолчка со една лажица млеко и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути. Кога малку ќе подизладат наросете ги со шеќер во прав. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.