Салепот (orchis maculate) е билка од родот Orchis sp. од која се користи коренот, а најчесто е застапена во пределите на Централна и Источна Европа. Популарниот прав од салеп се добива со мелење на сушени луковици од планински орхидеи од родот на Orchis (Orchis mascula, Orchis militaris).
Орхидеите кои се погодни за производство на салеп имаат уникатна структура. Коренот на овие орхидеи, има јајцевидна форма и се состои од две луковици. Поголемата луковица го храни цветот, додека помалата е резервна.
Производителите најчесто ја користат помалата, резервна луковица. Кога таа е отстранета, поголемата луковица започнува да генерира нови луковици и на тој начин цветот продолжува да живее.
Здравите, сочни и развиени луковици се откопуваат кога билките цветаат или по нивно прецветување. Собраните корења се мијат во ладна вода, а потоа се оставаат неколку минути во топла вода за да се деактивираат ензимите во нив, па дури потоа се сушат на сонце.
Поради големата количина на слуз која ја содржи, од коренот се приготвува густа, вискозна течност, која популарно се нарекува салеп.
Салепот се препорачува при надразнетост на грлото и на горните дишни патишта бидејќи надразнетата слузокожа ја обложува со тенок заштитен слој, па на тој начин го запира кашлањето.
Освен ова лековито дејство, се верува дека има и афродизијачко својство.
Салепот содржи глукоманани – полисахариди што се растворливи во вода, и имаат својство на згуснувачи. Инаку салепот бил популарен пијалок во западна Европа пред да дојде кафето од Африка.
Начин на приготвување:
Една кафена лажичка салеп во прав промешајте со малку вода, додека смесата не се изедначи. Потоа додадете една шолја млеко и варете 5 минути со постојано мешање. Кога ќе згусне, напитокот е подготвен. Се зачинува со цимет или чоколадни трошки.