Вкусна, шарена, прва исчезна од трпезата, секој сака да ja проба. Совршенa е за секоја домашна забава, именден или да се послужи на трпезата за велигденските празници. Можете да ја подготвите неколку часа однапред и само да ја извадите од фрижидер пред главниот ручек. Сензационална е на вкус – дефинитивно ќе ви се допадне. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 парчиња ржан леб, 10 јајца, 30 г печурки, 25 г шунка, 20 г кашкавал, 1 пченка (од конзерва или замрзната), 1 конзерва грашок (или обичен), неколку ротквици, малку власец. ЗА СОСОТ: 5-6 лажици мајонез, 3 лажици павлака, сол и црн пипер, италијански зачини.




ПОСТАПКА: Печурките исечкајте ги на коцки и пропржете ги на малку масло додека да поруменат, па посолете ги малку и оставете ги да се оладат. Јајцата тврдо сварете ги, изладете ги и излупете ги. Осум јајца се користат за салатата, а две јајца резервирајте за декорација на салатата.




Во сад измешајте ги состојките за сосот (мајонез, павлака, сол, црн пипер и италијански зачини). Зачините за сосот може да ги одберете според сопствен вкус. Дегустирајте го сосот пред да го филувате врз салатата. Кашквалот и шунката се рендаат на ситно ренде.




Грашокот исцедете го (доколку е конзервиран), а истото направете го и со пченката. Доколку користите обичен грашок и пченка (или замрзнати), сварете ги одделно додека да омекнат, па процедете ги и оставете да се оладат. За филување на оваа салата користете калап за торти со обрач што може да се вади.




Пречникот на калапот треба да биде 24 см или со слични димензии. Ставете го прстенот на рамниот сад или некоја рамна чинија. Како прв слој наредете го ржаниот леб, така што целото дно да биде покриено. Бидејќи калапот е кружен, исечете ги парчињата леб така што целото дно ќе се oбложи.




Потоа целата површина намачкајте ја со тенок слој од сосот од мајонез и павлака. Врз сосот наредете ги изладените печурки и рамномерно распоредете ги. Потоа, ставете ја пченката врз печурките, притиснете и израмнете ги со заден дел на една лажица и повторно премачкајте го сосот.




Потоа ставете наредете ја ситно сечканата шунка и грашок, израмнете со лажица и премачкајте со тенок слој сос. Потоа, наредете ги јајцата и кашкавалот исечкани на коцки, израмнете и рамномерно распоредете, па премачкајте ги со преостанатиот сос.




Одозгора декорирајте ја салатата со сечкан власец, парчиња јајца на кругови и ротквици исечкани на коцки. Ставете ја салатата во фрижидер еден час, за да се стегне и да биде полесно да се исече. Може да се подготви и навечер претходниот ден и да се послужи, на пример, за велигденски ручек. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Повеќе рецепти за велигденски салати прочитајте ОВДЕ.