Рецепт и видео презентација на Драгана Михајловиќ од “Направи Сама – Идеи за Креативци” – Салата “Седмо небо”. Денес ќе приготвуваме превкусна салата со макарони, разновиден зеленчук и јогурт кој на салатата ќе и даде освежителен вкус.
Се приготвува многу брзо е едноставно, а освен како салата, прилог или прејадење, може да се послужи дури и како главен оброк доколку внимавате на килограмите, односно како оброк салата. Во продолжение прочитајте како се приготвува оваа вкусна салата.
Потребни состојки: 400 г тестенини (Mattini), 1 главица виолетов кромид (може и обичен), 1-2 чешниња лук, 1 морков, 3-4 кисели краставички, 1 кафена шолја пченка “шеќерец”, 1 чаша јогурт од 180 г, сол по вкус, 150-200 г фета сирење, 2 варени јајца, магдонос и слатка зачинска пиперка во прав.
Постапка: Во едно длабоко тенџере ставете доста вода, па ставете го на рингла и загревајте го додека да зоврие. Во водата додадете малку сол. Во меѓувреме додека чекате да зоврие водата, пригответе го зеленчукот. Измијте го морковот, излупете го и исечкајте на тркалца или коцкички.
Кромидот излупете го, па и него исечкајте го на ситни коцкички. Ситно исечкајте и три или четири кисели краставички од тегла. За тоа време водата во тенџерето би требало да зоврие, па додадете ги тестините и варете ги ал денте, во времетраење според ознаката на амбалажата.
Додадете го и сечканиот морков да се вари заедно со тестенините. Потребно е само повремено (од време навреме да се промеша). Во меѓувреме во помало тенџерче или во ѓезве ставете да се вари и една кафена шолја пченка “шеќерец”.
Сварените тестенини исперете ги под млаз ладна вода и добро процедете ги. Тестенините заедно со морковите ставете ги во посебен стаклен (декоративен) сад. Потоа додадете ги сечканите кисели краставички и сечканиот кромид.
Промешајте ги тестенините со лажица. На крај додадете ја варената пченка која претходно исто така, сте ја испрале и исцедиле со ладна вода. Откако добро ќе ја промешате салатата, одозгора прелијте ја со една чаша од 180 г течен јогурт (може да додадете и повеќе ако ја сакате посочна).
Одозгора изрендајте околу 150 г фета сирење, а може и некое друго по ваш вкус. Откако повторно ќе ја промешате салатата, ќе ви преостанат да додадете уште неколку состојки. Едно или две чешниња истиснете ги низ преса или многу ситно исечкајте ги.
Потоа посолете и додадете ги тврдо варените јајца исечкани на тркалца (или коцки, како вие сакате). Промешајте добро за да се распоредат рамномерно состојките, па со хартиена салветка избришете го садот по ѕидовите од страна.
Одозгора декорирајте со неколку кругови варени јајца и неколку листови свеж магдонос. На неколку места малку наросете црвена слатка зачинска пиперка во прав. Сите детали од постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.