СЀ ЗАЕДНО СЕ ПЕЧЕ… Ништо не е поубаво од мирисот кој се шири низ домот…Неодоливо сочна торта со ореви и чоколадо…Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (Како мерка се користи чаша од 200 мл):

За бисквит:
3 јајца
1 чаша шеќер
1 чаша млеко
1 чаша масло
2 чаши брашно
1 чаша мелени ореви
1 кесичка прашок за печиво

За фил:
500 мл млеко
6 лажици шеќер
2 кесички ванилин шеќер
4 лажици гриз
100 г чоколадо за готвење
150 г мелени ореви

За прелевање:
300 мл млеко
За глазура:
100 г чоколадо за готвење
100 мл крем за шлаг (слатка павлака)

ПОСТАПКА:

1.Во подлабок сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерет додека да запенат и станат кремасти. Потоа додајте го млекото, па маслото и уште малку изматете.

2.Додајте брашно, прашок за печиво и мелени ореви, па повторно изматете со миксерот за сето да се соедини и изедначи.

3.Половина од смесата сипете во намастен плех (30х20 см) и печете 10 минути во претходно загреана рерна на 180 степени, колку да се формира коричка.

4.За тоа време пригответе го филот: во тенџере помешајте млеко, шеќер, ванила и гриз. Кога ќе почне да врие намалете ја температурата и варете со непрекинато мешање додека да згусне.

5.Додајте го чоколадото и мешајте додека целосно да се растопи. Тргнете од оган и во врелата смеса додајте ги мелените ореви. Добро промешајте и филот е готов.

6.Сипете го филот врз потпечената кора, израмнете, а одозгора распоредете ја втората половина од смесата за бисквит. Протресете и вратете да се допече уште 25 минути на 180 степени.

7.Печениот колач додека е топол залијте го со 300 мл млеко (на собна температура) и оставете да го впие (брзо впива).

8.За глазура: растопете го чоколадото во слатката павлака на многу тивок оган додека да се соединат.

Премачкајте го колачот, оставете да се олади прво на собна температура, а потоа и во фрижидер. Постапката погледнете ја ОВДЕ.

https://youtu.be/y2lskrz9NGM?si=BMFVVpjuRLw1tGEh