Многумина сакаат виткана сарма, но малкумина сакаат/знаат да ја прават, поради сложеноста на приготвувањето, односно потребното време за да ги свиткаат сите тие листови. Особено потребно е добро да се свитка секој лист, за да не се растури при готвењето. Русинката Татјана ни открива дури четири начини за виткање на сармата.




„Долго време не виткав сарми. Сеќавањата од детството кога и помагав на мајка ми во кујната, целосно ме обесхрабрија и си мислев дека никогаш нема да можам да виткам сарми. Затоа, кога станав жена и мајка, за домашните приготвував „мрзлива“ сарма. Тоа е кога редите слој зелка, слој фил или пак сè заедно мешате и печете.




Но, еден ден ќерка ми се врати дома од престој кај една пријателка, и воодушевено ми раскажа дека ја гледала мајката на другарка и‘ како витка сарми на дури четири начини одеднаш. Се почувствував неугодно и веднаш отворив Интернет да пребарам како се виткаат сарми.




Излезе дека всушност е многу лесно, а после десет обиди рацете сами виткаат. Затоа одлучив ова да го споделам со вас. Можеби сè уште има некоја несигурна жена (или маж) како мене, а после ова објаснување се надевам дека ќе се охрабрат и ќе им свиткаат сарми на своите најмили.




Најпрво треба да ја подготвите зелката. Ако имате кисела зелка од буре или листови во тегла, веднаш преминете на подготовка на листовите. Доколку сарамата ја виткате од пресна зелка, тогаш направете го следното: издлабете ја зелката, односно отстранете го тврдиот дел („кочанот“) и завиткајте ја во пластична фолија.




Ставете ја во микробранова печка на максимална можност и поставете го тајмерот на 6 минути, или во зависност од големината, некогаш се потребни 10-15 минути. Потоа извадете ги горните, омекнати листови, а доколку е потребно, вратете ја зелката повторно во микробранова.




Сите оние што немаат микробраниова печка, зелката нека ја варат во голем лонец со зовриена вода во која сте додале сол и малку оцет или лимонтус. Потоа спремете ги листовите за виткање: големите листови пресечете ги на половина и отстранете го тврдиот дел од средината.




Од помалите листови само засечете го задебелувањето, да остане листот компактен и цел, но подеднакво тенок. Отако ќе ги сработите сите листови на куп, може да започнете со виткањето на сармите и тоа во четири форми: цевчести, плик, корнет и топки.




ЦЕВЧЕСТИ, КАКО ТУТУРУТКА: Едноставно земете еден лист, на едниот крај ставете фил, па виткајте го како ролат. Потоа краевите само подбутнете ги кон внатре, така да не може филот да излегува при готвењето. Ако е голем листот, дополнително можете да го свиткате како полжав, но овој начин на виткање најмногу одговара за малите листови.




ПЛИК, КЛАСИЧНО ВИТКАЊЕ. Ова е најчестиот начин на виткање сарма, но и најнесигурниот, бидејќи ако не ја поставите правилно, таа лесно може да се растури. Се витка слично како претходниот, но, откако ќе го ставите филот, двата краја ги преклопувате навнатре (како да повивате бебе), па ја виткате ролничката. Сармата се поставува со завршетокот на листот надолу.




КОРНЕТ, КАКО ФИШЕК. Филот се поставува на едниот крај од листот, а потоа се витка триаглесто, така при едниот крај да биде остар и затворен, а другиот широк. Кај широкиот дел од сармата подбутнете ги краевите од листот за да се затвори.

ТОПКА. Ова е најлесен начин на виткање за кој ви е потребен еден вдлабнат сад, чаша или шолја за топло чоколадо. Имено, листот се поставува внатре, а краевите од листот треба да висат надвор. Се полни со фил, а потоа листовите само се преклопуваат за да се затвори сармата. Превртете ја спакуваната топчеста сарма и поставете ја во тенџерето. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.