Нашиот денешен ручек, многу вкусен и сочен, останаа само празни чинии..
Потребни состојки:
960 г компир (компирите исечени на четвртини),
2 моркови (на кругови, 140 г),
1 главица кромид (100 г),
100 г сечкан домат,
2 големи лажици масло,
сув зачин (вегета), тимјан, црвен пипер, магдонос…,
1 голема лажица доматно пире,
250 мл врела вода,
280 г грашок (од конзерва или смрзнат),
150 мл млеко и кашкавал за одозгора
Постапка:
Во поголемо тенџере загрејте масло, пропржете го сечканиот кромид заедно со морковот и доматот, додајте ги излупените и исечените компири, доматното пире, па зачинете со вегета и други зачини по желба.
Пропржете малку со повремено промешување, па додајте врела вода, оставете малку да проврие околу 15 минути.
Потоа додајте го грашокот, повторно промешајте, па додајте млеко, сечкан магдонос и малку тимјан, па пробајте дали е солено и додајте уште зачини по потреба. Тргнете го тенџерето од оган. Вклучете ја рерната на 200 степени.
Смесата што се динсташе префрлете ја во тава или огноотпорен сад, покријте со фолија и ставете да се пече. После 20 минути тргнете ја фолијата, посипете рендан кашкавал одозгора и вратете да се потпече додека компирите да бидат целосно омекнати.