Рецептот е лесен и едноставен, секој може да ги направи овие вкусни гурабии. Многу се декоративни и може да се приготват како секојдневна слатка закуска, но и како ситни колачи за разни свечени пригоди.
Потребни состојки: 100 г путер, 250 г шеќер, 100 мл масло, 250 г кисела павлака/кајмак, 250 г јаболков џем, 750 г брашно, 1 прашок за печиво, неколку ореви и масло за премачкување.
Постапка: Во вангла ставете го путерот, претходно отстојан на собна температура со шеќерот и маслото. Измешајте, па додајте ја павлаката со џемот. На крајот се додава брашното, малку по малку заедно со прашокот за печиво.
Замесете фино и меко тесто, но сепак да не се распаѓа. Тестото треба да биде мазно и да не се лепи за рацете. Пробајте да обликувате една гурабија, па доколку се одлепува од раката, тогаш е готово месењето.
На намастен плех, обложен со хартија за печење редете ги гурабиите. Значи црпите околу 90-100 г од смесата, обликувате во топче или елипсовидно и на ренде од предната страна ,,лепите” за да имаат декоративен изглед.
Со таа страна која сте ја обликувале на рендето, треба да биде од горе и на тој начин ги редите гурабиите во плехот, на средина ставајќи по едно оревче. Печете во претходно загреана рерна на 170 степени, 15 минути, а потоа послужете кога малку ќе се подоладат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт за вкусни гурабии:
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 2 јајца, 2 филџани (од кафе) шеќер, 2 филџани масло, 2 лажици домашен кајмак, 2 лажици џем (некој поредок, како од јаболко), 1 жилџан сечкани ореви, ½ прашок за печиво и 11 филџани брашно +-
Постапка: Се замесува тестото, се прават гурабиите и се печат на 180 степени околу 10 минути. Прво рерната добро се загрева на максимум, а кога ќе се стават на печење се намалува на 180.
Шербет: 8 филџани шеќер, 10 филџани вода и 3 лажици џем се ставаат да зовријат, па се намалува на умерено и се вари 15 минути. Се трга на страна да излади. Врелите гурабии се полеваат со ладен сируп, се покрива тепсијата со некоја друга, поголема, па се остава така да изладат и да го впијат сирупот.
РЕЦЕПТ 3 – Потребни состојки: 2 јајца, 2 филџани шеќер, 2 филџани масло, 1 филџан растопен путер, 2 лажици џем од јаболка, 4-5 лажици мелени ореви, ½ прашок за печиво и 12-13 филџани брашно по потреба.
За сируп: 6 филџани шеќер, 10 филџани вода и 3 лажици џем. Постапка: Прво пригответе го шербетот. Во тенџере ставете шеќер, вода, џем, промешајте и оставете да зоврие. Нека врие 15 минути, па тргнете од оган и оставете целосно да излади.
Пенасто изматете ги јајцата со шеќерот. Додајте масло, путер, џем, прашок за печиво, ореви, сето убаво промешајте, па постепено додавајте брашно додека да добиете средно меко тесто кое не се лепи.
Малку намастете ги рацете, одвојувајте мали топчиња, обликувајте ги и редете ги во намастен плех на одредено растојание. Печете на 180 степени околу 20 минути, додека малку да заруменат. Врелите гурабии полијте ги со ладен сируп и оставете да го впијат.