Исклучително вкусен ролат кој многу лесно ќе го направите, без брашно, па погоден е за сите оние кои се на посебна безглутенска исхрана. Филот можете да го прилагодите според сопствен вкус или според она што го имате во фрижидер.

Потребни состојки:

2 помали тиквички (500 г)
5 јајца поголеми
150 г кашкавал
сол (1 лажичка за кора и 2 прстофати за тиквичките)
малку свеж магдонос околу 2 гранчиња

За фил:

200 г крем сирење
150-200 г пилешки димени гради тенко исечкани (или нешто друго, по ваш вкус)
плех 35х24 см

Постапка:

Тиквичките убаво измијте ги и потсечете ги само врвовите. Не треба да ги лупите. Изрендајте ги заедно со лушпата, посолете ги и оставете ги 10-15 минути да отпуштат течност.

За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Плехот со димензии 35х24 см обложете го со хартија за печење. Во подлабок сад изматете ги јајцата со рачна жица за матење. Тиквичките исцедете ги со раце и додадете ги во изматените јајца.

Изрендајте го кашкавалот и магдоносот ситно исечкајте го. Сето тоа малку посолете го и убаво промешајте. Добиената смеса рамномерно излејте ја во приготвениот плех, израмнете и веднаш ставете да се пече. После половина час испечената кора оставете ја добро да излади.

Кората извадете ја од хартија и превртете ја и преку целата површина премачкајте ја со крем сирење. Одозгора наредете тенко сечено сувомеснато, па со помош на хартијата свиткајте ја во ролат.

Добро притиснете го ролатот и префрлете го на даска за сечење, па ставете го во фрижидер убаво да се стегне. Потоа можете да сечете помали парчиња. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: