-Како ја објаснувате појавата на денешното родителство во кое на детето се гледа како на центар на светот и нему се’ му се посветува: од пари, до секоја секоја мисла на современата мајка која прераснува во опсесија?

Во 90-тите години од минатиот век, во сите земји во транзиција прво се промени начинот на воспитување, а традиционалното се замени со “кадифено”, па секое семејство имаше по два воспитни модели: класична казна и убав збор.

Децата ги знаеа правилата кои мораа да ги почитуваат, некогаш со добро, а некогаш со сила. Иако постоеше страв од ќотек, децата со текот на времето сфаќаа дека правилата мора да се почитуваат и дека тоа е неминовно.

проф Милица Новковиќ

Во таквите семејства имаше повеќе љубов кон децата и повеќе почит на децата кон родителите и возрасните.

Тогаш “кадифеното – меко” воспитување полека ги освои традиционалните семејства. Родителите наивно поверуваа дека позитивното условување, всушност е вистинската љубов.

Денес родителите им станаа лоши слуги на своите деца, а децата нивни лоши господари. Тоа се новите улоги во семејствата на нашето време.

Кога детето позитивно ќе го условите говорејќи му: “Ако го изедеш јадењето, ако си ги собереш играчките, ако седнеш на маса да јадеш, ако брзо се подготвиш за во градинка… тогаш ќе ти го дадам телефонот да си поиграш, ќе гледаш цртани, ќе си поиграш на компјутерот…. Тогаш е сосем нормално дека ќе добиете незаситно и алчно дете, кое ништо нема да сработи ако нема интерес од тоа.

Па според тоа, со ваквото воспитување, кај детето се раѓа мито и корупција, а не љубов. Каде што има интерес, таму нема љубов.

Ваквото дете станува агресивно, бидејќи првиот пат кога ќе му речете: не, не ти давам, не може, немам… детето тогаш враќа со онаа класична казна, која за родителите е со закон забранета, односно почнуваат да покажуваат агресија и стануваат насилни.

Во тој момент улогите се заменети, а детето станува диктатор, а родителот послушен слуга. Ваквото агресивно дете најчесто е и мрзливо. Не сака да работи по дома, околу себе, не сака во градинка, не сака да учи, да ги исполнува нормалните семејни обврски.

На родителите не им преостанува ништо друго, туку да глумат дека се’ е нормално, дека детето е центар на неговиот живот, центар на светот, а малиот диктатор можеш да го смириш само со поткуп и на тој начин да го контролираш за нешто да послуша или да направи.

Ваквиот начин на контролирање со текот на времето опаѓа, бидејќи во пубертетот контролата ја преземаат врсниците и друштвото.

Како резултат од ваквото воспитување е несреќни родители, несреќни деца.

-Дали е точно непишаното правило дека децата се воспитуваат до нивната четврта година?

Децата се раѓаат чисти со љубов, добрина, со таленти, со биолошки и духовни потреби. Не ви се потребни за тоа четири години, доволни се и првите две и да ги видите последиците од ваквото “кадифено-меко” воспитување. Говорам за период од последните неколку години кога во нашите животи влегоа смарт-“паметните” телефони.

Само дајте му на малото ваков телефон и веќе сте го расипале детето. Јаде кога не му се јаде, дури и не знае што му се јаде, дали е гладно или сито. Јаде кога вие за тоа ќе одлучите, кога вие ќе кажете што и колку – ако му го дадете телефонот.

Детето полека се врзува за оваа направа, верувајќи дека виртуелната реалност е таа вистинската. Па реалниот, изворен страв се заменува со виртуелен, па поради тоа детето не може да заспие природно, туку бара некои чудни начини за заспивање или доаѓа да се шири во вашиот брачен кревет, бркајќи го таткото да спие во дневната соба. Детето полека се отуѓува од реалниот живот.

Вие го раните, го облекувате, му ги миете забите или постојано го молите тоа да го направи, вербално го опоменувате дека не е убаво тоа што…. забележувате дека само седи, дека сака да го носите во раце, да го восите во количка, не ве гледа во очи, доцна прозборува и првите зборови не му се “мама” и “тато”, туку ју-тјуб- така слушнав пред некој ден.

Паметните телефони им станаа замена за се’, а родителите полека, но сигурно ја губат улогата на природно родителство.

Детето не би требало да му се даваат вакви “играчки” првите две години, за да му се создадат услови за безброј акции кои се темел за сите следни години на развој.

За жал родителите погрешија мислејќи дека прават добро и бидејќи се во тренд со најновата технологија. На овој начин не се остваруваат трите основни желби на секој родител: Само да биде здраво, да биде добар човек и добар ученик”.