Тестенините се секогаш добар, заситен и вкусен оброк кој може да се приготват на милион различни начини. Некои ги сакаат само со ситно сирење или доматен сос, други потпечени со јајца и сирење, трети со болоњезе сос од мелено месо…
Дури постојат и различни верзии за некој вид сос, а карбонара сосот ми е мене најубав и најбрз за подготовка. Како што реков, овој сос може да се подготви на многу различни начини, а рецептот јас кој што го применувам го добив директно од професионален шеф на еден италијански ресторан.
Класичниот рецепт оди вака: 250 г тестенини, ½ главица кромид, 1-2 чешниња лук (може и повеќе доколку го сакате неговиот вкус), 100 г димена сланина, 250 г неутрална течна павлака за готвење (1 чаша), 1 чаша од водата каде што се готвеле тестенините, 1-2 жолчки, црн пипер и сол по вкус.
ПОСТАПКА: Во водата ставете повеќе сол да биде како морска водата, па кога ќе зоврие ставете ги тестенините да се сварат според упатството. На пример ако пишува да се готват 5 минути, не ги гответе подолго бидејќи после се готват и во сосот.
Кога ќе се сварат пред да ги исцедите сочувајте малку од водичката каде што се вареле. За да го подготвите сосот најпрво ситно исечкајте ги кромидот и лукот и ставете ги да се пржат во загреано маслиново масло со една коцка путер/маргарин на тивко.
Пржете додека кромидот да омекне и застакли, а лукот да стане крцкав како чипс. Додајте ја и ситно сечканата сланина. Потоа кога ќе се запржат додајте сол и црн пипер, а можете и половина лажичка чили доколку го сакате пикантниот вкус. Промешајте ги зачините и додајте 1 чаша од неутралната течна павлака.
Промешајте и почекајте да се згусне, а потоа ставете 1 чаша од водичката каде што се вареле. Водата ќе испари по некое време, но сосот ќе биде покремаст и многу повкусен. Може да додадете една рака рендан кашкавал да се стопи во белиот сос.
Во посебен сад со виљушка изматете ги жолчките и додајте им малку пармезан. Промешајте и додајте ги во павлаката. Започнете брзо да мешате за да не се направи омлет од јајцата. Посолете и запиперете по вкус. Брзо мешајте, па кога ќе згусне додајте ја варената тестенина и измешајте убаво додека тестенините го впијат добро сосот.
Белките кои што ги одвоивте од жолчките може да ги изматите со шеќер и да ги искористите за некој десер, како фил за торта или да направите пуслици од нив. Тоа останува на вас. Кога во еден ресторан во Италија шефот ми го даде овој рецепт ми го рече следново:
-Карбонара сосот може да се направи и без течната павлака, во тој случај прво се ставаат жолчките измешани со малку пармезан и брзо се инкорпорираат со лукот, кромидот и сланината за да не се спржат јајцата, па постепено се додава од водичката каде што се вареле тестенините.
Исто така ми посочи за тестенините да имаат поосвежителен вкус може да се капне и 1 лажица лимонов сок. Јас карбонарата ја правам со неутрална павлака бидејќи така ми е покремасто, а овој сос најдобро се апсорбира на долгите јуфки или макарони. Одозгора наросете малку пармезан и магдонос или ситно сечкано младо кромитче.