Зелените домати освен што се користат како облога за уморни нозе и попуштени вени, од нив се приготвува и вногу вкусна салата. Збогатете ја вашата зимница со зелен домат во тегла без конзерванси, за сите љубители на киселиот вкус. Рецепт на Ивана.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг зелени домати, 1 бабура пиперка (најдобро црвен рог ако имате), 2 средни главици кромид, 2 средни главици лук, 1 китка свеж магдонос, 4 лажици шеќер, 4 лажици сол, 1 луто пиперче (не мора ако не сакате)




ПОСТАПКА: Секако освен наведените зачини можете да додавате и зачини по ваш вкус, како црн пипер зо зрно (бибер), ловоров лист… јас овојпат ставив една лажичка мелен црн пипер и во секоја тегла по малку синап. На секоја тегла се става по 30 мл бел оцет 9%




Доматите измијте ги под млаз ладна вода, исцедете ги на исечете ги на половина или на повеќе делови ако се поголеми. Кромидот исчистете го и исечкајте го на лентички, па додајте го во садот со доматите.




Измијте го, исчистете го и иситнете го и останатиот зеленчук, рачно или во блендер. Додајте шеќер, сол и останатите зачини кои сакате, промешајте и оставете околу два часа да отстои поклопено или покриено со газа.




По изминатиот период би требало да има доста течност од зеленчукот. Полнете ги теглите заедно со сокот, би требало да има сок до половина тегла. Ако ставате црн пипер во зрно, ловоров лист и синап, тогаш најдобро е да ги ставате на крај во секоја тегла посебно.




Кога ќе ги наполните, во секоја тегла ставете 30 мл бел оцет 9%, добро затворете и теглите наредете ги во широко тенџере на чие дно претходно сте ставиле крпа. Потоа налијте вода и вклучете го шпоретот на умерена температура.




Од моментот на зовривање оставете ги теглите да се варат на умерено околу половина час. притоа не треба да се допираат една до друга. Изгасете ја ринглата по изминатото време и оставете ги теглите во врелата вода уште 10-15 минути.




Извадете ги теглите внимателно и секоја поединечно избришете ја. Теглите свртете ги наопаку, со капаците надолу за да можат да вакумираат. Покријте ги со ќебе или секоја тегла завиткајте ја во хартија или крпа и вака затопелни оставете ги да се оладат до следниот ден.




Следниот ден можете да ги наредите теглите во шпајзот, заедно со останатата зимница. Сите детали околу постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.