Оваа салама можете да ја направите од какво месо сакате, пилешко, мисиркино или некое друго месо. Во однос на индустриската салама не се разликува многу во изгледот, но во вкусот – не може да се спореди! Ниту по мирис, ниту по вкус, но тоа се подразбира, бидејќи оваа салама е домашно направена од чисто месо и малку зачини.
Потребни состојки: 500 г пилешко или мисиркино месо, 100 г чадена сланина или шунка (не е задолжително, но ако го сакате овој мирис, слободно додадете), 1 црвена пиперка (слатка или лута, зависи од вкус), 1 лажичка сол, ½ лажичка мелен црн пипер,
Потоа, малку магдонос, 1 полна лажичка мелен коријандер, ½ лажичка мелен коморач, 1 прстофат мелен ким (на врв од лажичката) и алу-фолија за виткање. Напомена: Доколку немате блендер или некој суперсечко, тогаш месото сомелете го повеќепати на машина за месо за да биде поситно.
Наместо пилешко или мисиркино можете да користете било кое друго месо, со таа разлика што подоцна ќе ја прилагодите и должината на готвењето.
Од зачините, освен со, задолжителен е мелениот коријандер, кој го дава специфичниот мирис на оваа салама, а исто така и црниот пипер. Ако саламата ја правите за деца, тогаш исфрлете ги лутите зачини и намалете ја солта.
Во зависност од тоа за колку лица приготвувате, по потреба можете и да ја намалите количината на месо, бидејќи оваа салама не содржи конзерванси и стабилизатори и треба да се потроши за 2-3 дена.
Станува збор за варено месо, кое и како и секое друго, не стои многу долго во фрижидер. Подобро е да правите почесто во помали количини, особено ако готвите за деца.
Исто така, може да користите слатка или лута пиперка во различни бои, за да добиете што пошарена салама.
Постапка: Месото и дименото месо сомелете ги убаво. Додадете сол, црн пипер и зачини. Кога месото ќе го изблендате треба да личи на паштета. На крај исечкајте ја пиперката и магдоносот, додадете ги во месото и зачинете по вкус.
Од оваа смеса добро измесете и со раце направете ваљак, премачкајте го со масло и цврсто свиткајте го во алуминиумска фолија. Краевите од фолијата свиткајте ги добро со сучење и направете пакет да личи како голема бонбона.
Оваа “бонбона” од месо во фолија ставете ја во зовриена вода, намалете ја температурата на 1 или 2, поклопете и варете околу еден час на најниска температура (колку малку да струи водата).
Варената салама исцедете ја од водата и оставете ја така завиткана во фолија додека целосно да излади. Изладената салама исечете ја на парчиња и можете да ја послужите.
Напомена 2: Од посуво месо и помалку масно месо, како што е белото месо, саламата ќе биде посува и поцврста. Ако сакате да биде посочна и помека, додадете повеќе маснотија или користете малку помасно месо. Секако во овој рецепт немате многу што да погрешите.
Ако сакате малку поинаква текстура во меленото месо додадете и малку крупни коцки месо или коцки кашкавал, ќе биде пошарено кога ќе ја сечете.