„Рецептот за гулаш го добив директно од месарница, и не го менувам, па колку сака нека чини, како што се вели. Можете да претпоставите дека ручекот излезе многу вкусен, повеќе колку што очекував, па на сите дома ни стана омилено јадење. Јас веќе одамна заборавив како е тоа да се стои покрај тенџерето стравувајќи дека манџичето ќе загори.“




Од овој рецепт на Валентина и нејзините фантастични идеи, се воодушевија и други домаќинки, па го искоментираа со големи пофалби: Коментар на Снежана: „Гулашот е фантастичен, јас сега правев јунешки гулаш, но не од кеса. Превкусно изгледа, ќе пробам некогаш. Поздрав.“




Коментар на Богданка: „Едвај чекам да се вратам од летовање за да го испробам гулашот, браво.“ Коментар на Роберта: „Ова е врв. Го правам во прва пригода. Moже ќе го правам со пилешки карабатак бидејќи моите не го сакаат мисиркиното месо. Инаку, го обожавам и вашиот кафеански гулаш.“ Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг мисиркин карабатак, 600 г кромид, 3 моркови, 1-2 пиперки, 550-600 мл сос од домати, неколку чешниња лук. И уште ќе ви биде потребно: масло, црн пипер, сол, вегета, ловоров лист, зачинска пиперка (слатка и лута), сенф, 2 лажици брашно со 300 мл вода, 1 кеса за печење во рерна.




Гулашот може да се послужи како додаток на макарони или други тестенини или да се јаде како густа чорбичка со потпечено лепче. Ние дома го јадеме како манџа, а остатокот што ќе ни остане го послужувам како вечера со шпагети или макарони. Во продолжение проследете ја постапката:




ПОСТАПКА: Подгответе си една најлонска кеса за печење, која може да се најде во доброснабдените продавници и ставете ја преку некој голем и длабок сад, за додавањето на состојките да се одвива полесно. Ставете го месото на дрвена даска за сечење, па исчистете го од кожата, коската и жилите.




Потоа месото исечкајтр го вообичаено на парчиња како што се прави и за обичен гулаш. Месото префрлете го во кесата. Прејдете на подготовка на кромидот така што треба да го излупите и да го исечкате на покрупни парчиња. Потоа излупете го морковот и изрендајте го на најкрупната страна од рендето. Кромидот и морковот се додаваат во кесата.




Исечкајте 1-2 црвени пиперки, на ленти, додајте ги во кесата, па исечкајте и додајте и неколку чешниња лук (по вкус). Прејдете на додавање на зачините: додајте 2 ловорови лисја, црн пипер, сол по ваш вкус, ако користите вегета, додајте и од неа. Додајте сува лута и блага зачинска пиперка ако сакате.




Потоа прелијте со 100 мл масло и 1 супена лажица сенф. На крајот во кесата се истура околу 1/2 литар доматен сос, но може да се додаде и малку повеќе (плус уште 50-100 мл). Затворете ја добро кесата, оставајќи малку простор над состојките, значи се заврзува некаде при крајот на отворот. Потоа, со раце малку измешајте ги сите состојки за зеленчукот и зачините да се распоредат подеднакво.

Со помош на дрвена чепкалка избоцкајте ја кесата на неколку пати, во пределот каде што е празна за да циркулира воздухот во и надвор од кесата. Во претходно загреана рерна, печете го гулашот 1,5 час на 200 степени.

По изминатото време, отворете ја кесата. Гулашот може да го послужите веднаш (месото е зготвено) или да го направите следново. Ако сакате гулашот да ви биде погуст, баш како кафанскиот гулаш, префрлете го во подлабок сад на рингла и подгответе го со следнава запршка за течноста уште малку да се згусне.

Во гулашот не се додава дополнително масло или во запршката бидејќи веќе е доста масно од претходно. Пуштете ја ринглата, додајте 200 мл вода, покријте го тенџерето и пуштете да се крчка по зовривањето уште 5-10 минути на средна кон ниска температура.

За тоа време, подгответе ја сувата запршка, ставете 2 лажици брашно и одозгора прелијте со 100 мл вода. Мешајте додека постепено ја додавате водата, па потоа додајте ја запршката во гулашот, измешајте и варете додека фино да се згусне. Гулашот може да го правите и со пилешко, телешко, свинско или јунешко месо и да додавате зеленчук и зачини по вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.