Рецепт на Аурора. Ова е еден старински евтин колач кој го приготвуваа нашите баби, па сигурно со неговиот вкус и мирис ќе ве врати во безгрижното детство. Рецептот го најдов во една стара, веќе искината тетратка. Состојките се мерат со една иста шолја за кафе, било која, само важно е истата да се користи. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 4 шолји (мала шолја за кафе од приближно 80 мл) шеќер, 3 шолји масло, 4 шолји млеко, 1 кесичка прашок за печиво, 6 шолји брашно, 4 шолји мелени ореви. Уште ќе ви биде потребно џем за премачкување на колачот одозгора и малку мелени пореви за да се наросат одозгора. Во овој рецепт користевме џем од сливи, но може да користите каков сакате.




ПОСТАПКА: Најпрво во посебни садови одвојте ги белките од жолчките од четири јајца. Белките пенасто изматете ги со миксер, а потоа започнете постепено да го додавате шеќерот. Матете непрекинато додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа кога ќе го превртите садот.




Во цврстиот снег од белки започнете една по една да ги додавате жолчките со непрекинато матење. На овој начин добивате многу убава кремаста и воздушеста смеса. Потоа додајте го маслото во тенок млаз, па млекото и повторно изматете до изедначување.




На ред се сувите состојки. Брашното просејте го помешано со една кесичка прашок за печиво. Повеќе не ви е потребен миксерот, а смесата бавно промешајте ја со лажица или шпатула. важно е да се изедначат состојките, но смесата да остане пенлива и воздушеста.




На крај додајте четири шолји мелени ореви. Огноотпорен сад 35х25 см намастете со масло или маргарин и наросете го со брашно (вишокот истресете го), па излејте ја смесата. Рамномерно распоредете ја и израмнете.




Може да користите и поголем плех, но колачот ќе биде понизок. Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени, околу 25-30 минути, во зависност од рерната и садот во кој се пече колачот. Печениот бисквит оставете го да се подизлади, 10-тина минути.




Одозгора премачкјате го со џем од модри сливи, околу 3-4 преполни супени лажици за да се добие убав слој. Распоредете рамномерно, а потоа одозгора наросете го со мелени ореви. Колку повеќе стои толку е поубав. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.