Фотографија и рецепт на Раза Галијашевиќ

Потребни состојки: 1 главица кељ, 500 г мелено месо, 1 главица кромид, 2-3 чешниња лук или по вкус може и повеќе, 1 стебленце целер, 1 свежа пиперка, малку зелка, прокељ, карфиол, магдонос, 100-тина г ориз, 1 кисела црвена пиперка или повеќе по вкус, 3-4 топки моцарела или по вкус

За прелив: 1 јајце, 1 лажица кисела павлака, 1 лажица ајвар, 1 лажица сенф и 1 лажица густин

Постапка: месото ставете го да се испржи на умерен оган, се додека да испари течноста и да ја промени бојата. Потоа истурете го во еден сад.

На истото масло пропржете го ситно сечканиот кромид, па кога ќе застакли и омекне, истурете го врз месото. Додајте и ситно сечкано лукче.

На ист начин пропржете го и останатиот зеленчук и додадете го во садот со месото. Оризот сварете го во солена вода, процедете го и додадете го во месото.

На страна измешајте ги сите состојки за прелив, па додадете го во садот со месото, па сето заедно убаво промешајте го за да се изедначат вкусовите и состојките.

Од кељот извадете ги листовите, отстранете го дебелиот средишен дел, па кратко проварете ги во врела вода со малку сол, неколку минути колку да омекнат. Вадете ги листовите и оставете ги да се исцедат.

Во намастен калап или тепсија наредете еден слој листови од кељ (види фото), па ставете фил, па повторно листови и се така додека да се потроши материјалот.

Помеѓу можете да ставате сечкана моцарела или кашкавал по желба и мали парчиња путер. На крај филот поклопете го со листови и тепсијата покријте ја со фолија.

Печете во загреана рерна на 250 степени околу половина час. Кога јадењето е печено, превртете ја тепсијата на тацна и сечете. Јадењето е превкусно!

Фотографија и рецепт на Раза Галијашевиќ