Рецептот е даден во две варијанти. Првата е доколку ја правите како колач, а вториот рецепт е за торта.

Можеби ви изгледа голем и долг рецептот, но тоа е така за да им се олесни на читателите доколку одлучат да го приготват овој навистина совршен и по вкус и по изглед колач/торта.

КОЛАЧ (мерки за плех од рерна)

Потребни состојки за жолта кора:

8 жолчки

250 г путер-маргарин

240 г шеќер

6 лажици вода

1 прстофат сол

½ прашок за печиво

280 г меко брашно

За бела кора:

8 белки

320 г шеќер

½ лажица густин

1 прстофат сол

1 лажица лимонов сок

за крем од малини:

500-800 г малини

1 литар џус од портокал

2 пудинг од ванила

4-5 лажици шеќер

Крем од павлака:

1 литар слатка павлака за шлаг

4 кремфикс (ако користите хопла која добро зацврствува, тогаш нема да ви биде потребен кремфикс. Ова користете го доколку користите павлаки кои не зацврстуваат убаво)

2 ванилин шеќер

4 лажици шеќер

ТОРТА

Потребни состојки за кора:

120 г путер

4 жолчки

3 лажици вода

150 г брашно

3 лажички прашок за печиво

150 г шеќер

за бела кора:

4 белки

150 г шеќер

1 лажичка лимонов сок

1 мала лажичка густин

за крем од малини:

500 мл џус од портокал

500 г малини

1 пудинг од ванила

2 лажици шеќер

за крем од павлака:

500 мл слатка павлака

1 ванилин шеќер

2 кремфикс

2 лажици шеќер

или за крем од јагоди со свежо сирење:

250 г свежо несолено сирење

500 мл слатка павлака

1 желатин во прав или 2 шлагфикс

150 г шеќер

2 ванилин шеќер

2 лажици лимонов сок

500 г јагоди

500 мл џус од портокал

1 пудинг од ванила

50 г шеќер

*ова е додено како предлог за оние кои сакаат јагоди

Постапка:

Путерот и шеќерот кремасто изматете ги, додадете жолчки, сол, вода и на крај прашок за печиво кое сте го просејале заедно со брашното.

Белките изматете ги заедно со шеќерот, лимонот и една лажичка густин.

Овие две смеси поделете ги на два дела и пригответе две тепсии со иста величина, обложени со хартија за печење.

Прво ставете од смесата за жолта кора, па преку неа белата смеса.

Печете на 180 степени во претходно загреана рерна, околу 25 минути. Едната кора која ќе биде најгоре врз колачот, веднаш исечете ја на квадратчиња кои после ќе ги редите преку кремот.

Испечете ја и втортата кора, само неа не ја сечете, оставете ја цела.

Откако ги испековте корите, се вари кремот со малини: ставете на оган 800 мл џус, а во остатокот промешајте два пудинзи со шеќер.

Кога џусот ќе зоврие додадете му ги малините, оставете да провријат некоја минутка, не премногу за да не се распаднат скроз. Потоа додадете го пудингот и мешајте додека да згусне.

Пудингот додека е врел прелијте врз долната кора. Напомена: доколку користите смрзнати малини, намалете го џусот за неколку лажици за да не ви биде многу редок пудингот.

Кога ќе излади првиот слој премачкајте го со слатката павлака која сте ја измиксале заедно со шеќерот и кремфиксот.

И на крај, одозгора редете ги квадратчињата што ги исековте од прата кора.

Ова е мерка за плех од рерна, а ако правите торта во тркалезен калап, намалете ги количините за половина.