Тортата пуслица, како што и самото име кажува се приготвува со пуслица-кори кои можат да се комбинираат на најразлични начини и со најразлични филови. Овојпат на корите им додадовме лешници и добија уште покрцкав, неодолив вкус.

Потребни состојки за кори: 10 белки, 400 г шеќер, 1 лажица оцет и 200 г сечкани пропжени лешници.

Потребни состојки за крем: 10 жолчки, 3 пудинг од ванила, 8 лажици густин, 10 лажици шеќер, 250 г маргарин, 1,5 литар млеко, 100 г бело чоколадо Милка, 100 г чоколадо со лешници Милка, 50 г чоколадо за готвење, 2 ванилин шеќер, 100 г сечкани лешници

Постапка за приготвување на корите: Во еден сад ставете ги белките и започнете со миксање. Постепено додавајте го шеќерот и миксајте околу 10 минути. Снегот од белки мора да биде цврст и шеќерот растопен. Некаде приближно на една белка се ставаат 40-50 г шеќер, па така на 10 белки додаваме 400 г шеќер што е сосем доволно.

Отако добро ќе ги изматите белките додадете една лажица оцет, па матете уште некоја минута. Помага за белките подобро да се стегнат, а во текот на печењето испарува.

Вклучете ја рерната да се загрева на 150 степени. Смесата поделете ја на два еднакви делови, за да испечете две кори во калап за торти бр.28, или испечете една голема во големиот плех, за четириаголна торта. Во калапот преку хартијата наросете сечкани лешници, па преку лешниците нанесете го снегот од белки.

Ако печете во плех: Големиот плех од рерна 40х30 см обложете го со хартија за печење, а во средината направете преграда од хартија, за подоцна да не мора да ги сечете корите на половина.

Смесата од белки распоредете ја во двете прегради преку лешниците и израмнете. Ставете го плехот во рерна и печете 15 минути на 150 степени. Потоа намалете на 120 степени и печете уште 20 минути. Ако оцените дека е потребно, печете уште некоја минута подолго.

Потоа намалете на 100 степени и сушете ја кората уште 1,5-2,5 часа (некои ги печат корите на 150 степени 1,5 час, но ова е проверен начин за да ви излезат суви и крцкави).

Сушените кори извадете ги од рерна и оставете ги да изладат во плехот. Превртете ги, па внимателно отстранете ја хартијата од нив бидејќи корите се суви и лесно кршливи, така што лешниците да дојдат одозгора.

За фил: изматете ги пенасто жолчките со шеќерот додека тој да се растопи, па додадете гудтин, пудинг од ванила и 300 мл млеко. Продолжете да матите додека да добиете смеса без грутчиња.

Преостанатото млеко сварете го, па додадете ја смесата од жолчки и постојано мешајте додека да згусне. Внимавајте да не ви загори. Филот оставете го на страна со фолија, па кога целосно ќе излади соединете го со пенасто изматен путер.

Кремот поделете го на два еднакви делови. Во едната половина додадете 2 ванилин шеќери и растопено бело околадо, а во втората половина додадете растопено чоколадо со лешници и чоколадо за готвење.

Редење: Кора-црн фил-жолт фил, кора – црн фил-жолт фил и оставете малку крем за украсување. Наросете со сечкани или мелени лешници.

Coolinarika.com