Фото и рецепт: Елица Павлоска – Мучкалица.

Рецептот на овој многу вкусен деликатес ни го претстави нашата драга членка Елица Павлоска во групата НМД рецепти.

“Почнав со мисла да го испржам месото, па ајде си реков, нека биде како селско, но по некоја минута, идејата повторно ја сменив – нека биде мучкалица! И не погрешив, излезе деликатес!”, вели нашата драга Елица. Можеби најтешката задача е да се смисли што јадење да се прави, па и тогаш излегуваат деликатеси во кујната.

Ова е нејзиниот рецепт: “Месото се запржува (каков вид месо имаш, такво користиш). Откако ќе се испржи се додава сечкан кромид малку да се издинста, па сува пиперка или зелена, буковка и разни зачини по вкус. Се додава и доматен сос, а може и домати, но за нив е потребно малку подолго време. Се зачинува и со магдонос, па целата содржина се префрла во земјена тава. Одозгора се ренда кашкавал и се запекува во рерна 15-тина минути. Многу е убаво, брзо и вкусно”, додава Елица споделувајќи го начинот за подготовка на познатото јадење “мучкалица”

Оригинален рецепт: Лесковачка мучкалица се приготвува на многу начини, но кај оригиналниот рецепт месото прво мора да се испече на скара, па потоа во земјена, глинена тава се крчка заедно со зајрето.

Потребни состојки:

200 г кременадла без коски, 200 г јунешко или телешко без коска, 200 г свинско месо без коски, 2-3 главици кромид, 500 г пиперки бабури, 2-3 домати, 1 луто пиперче, Магдонос, сол, црн пипер, масло

Постапка:

Месото исечете го на коцки (2х2 см) па испечете го, најдобро на скара, но ако не сте во можност тогаш во тава. Потоа посолете и запиперете. Исечкајте го кромидот ситно, пиперката и доматот на коцки па додадете ги на  месото и додадете малку вода (половина чаша).

Сето заедно крчкајте го околу 3 часа, најдобро во глинена или керамичка тава со капак. Лутото пиперче не мора да го исечете во ова јадење ако не сакате луто, но Лесковачка мучкалица не е ако не е лута.

Додека се готви немојте да мешате, бидејќи ова јадење не се меша туку се „мучка“, поточно се протресува садот лево-десно. На крај додадете сечкан магдонос.