Печурките не мора да ги јадете само кога постите, зашто подготвени на овој начин, тие се востинска гозба за непцето. Освен што се здрав прилог на главното јадење, тие исто така, можат да бидат главно јадење.
Доколку постите, од рецептот исфрлете го путерот и користете само обично масло за готвење или посен маргарин. Освен првиот рецепт, ќе ви претставиме и како се приготвуваат похувани шампињони, шампињони трифолати и потпечени во рерна. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г шампињони, 30 г путер, 2 супени лажици маслиново масло, 1 главица сечкан кромид, 50 мл бело вино, 3 чешниња лук, 1 китка свеж магдонос
РЕЦЕПТ 2 (похувани шампињони) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г лебни трошки (презла), 100 г брашно, 150 мл млеко, 1 супена лажица лимонов сок, 200 г шампињони, масло и сол
РЕЦЕПТ 3 (шампињони трифолати) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г шампињони, 1 полна кафена лажичка ситно сечкан лук, 2 полни супени лажици сечкан магдонос, 90 мл маслиново масло, 1 кафена лажичка сол, свежо мелен црн пипер по вкус
РЕЦЕПТ 4 (потпечени шампињони во рерна) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: што поголеми шампињони, сол, црн пипер, магдонос, лук, маслиново масло, малку путер или масло за премачкување на тепсијата
ПОСТАПКА за рецепт 1: шампињоните измијте ги и оставете ги да се исцедат од вишокот вода. Во тава растопете го путерот со маслото на умерено тивок оган, па додајте го ситно сечканиот кромид.
Динстајте со повремено промешување додека кромидот да омекне и застакли, па додајте ги печурките. Динстајте ги 10-тина минути, па потоа додајте го белото вино. Кога виното ќе испари додајте сечкан лук и магдонос, па пржете уште неколку минути и вашиот оброк е спремен за послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Млекото сипете го во помала чинија, додајте лажица лимонов сок, па оставете да отстои 10-тина минути да се претвори во нешто како јогурт. Во лебните трошки додајте сол, сув магдонос, црн пипер или зачини по вкус.
По можност користете печурки со средна величина. исчистете ги, па валајте ги најпрво во брашно, а потоа во млекото, па во приготвените лебни трошки. Пржете ги во врело масло неколку минути или додека да заруменат.
ПОСТАПКА за рецепт 3: „Трифоларе“ е израз за италијански начин на брзо динстање на зеленчукот со лук и свеж магдонос. Ова се основни состојки на кои често им се додава бело вино или сардини. Најпрво шампињоните добро измијте ги и исчистете ги, одвојте ги капите од дршките, па капите исечете ги на листови, а дршките на крукчиња.
Некоја поголема тава задолжително загрејте најпрво на средна температура, па дури потоа ставете маслиново масло (или обично). Во загреано масло ставете го сечканиот лук и пропржете го внимавајќи да не ви загори. Додајте ги шампињоните и зголемете ја температурата. Пржете ги додека го впијат сето масло.
Тогаш намалете ја температурата на најниска, додајте сол и мелен црн пипер, па промешајте. Шампињоните брзо по додавањето на солта ќе го испуштат сокот, па зголемете ја температурата уште малку и пржете ги уште 5 минути, но не подолго за да не изгубат од вкусот и сочноста. Пробајте дали е доволно солено, додајте го сечканиот магдонос.
ПОСТАПКА за рецепт 4: Печурките измијте ги, ислистете ги и исушете ги. Внимателно мијте ги да не впијат вода. Посолете ги и запиперете ги, па наредете ги во намастена тепсија или огноотпорен сад. Испрскајте ги со малку маслиново масло и печете ги 30 минути во загреана рерна на 200 степени. Потоа извадете ги, зачинете ги со ситно сечкан лук и магдонос и уште малку маслиново масло.